10 руски ЗАТВОРСКИ ТЕТОВАЖИ и нивните значења

Наталья Носова/Russia Beyond
Истетовирајте една од овие тетоважи без причина и горко ќе зажалите... Затоа што право да носат такви тетоважи имаат само докажани и закоравени руски криминалци.

1. Куполи 

Ова е еден од најраспространетите дизајни на тетоважи кој е лесно препознатлив во руското криминално подземје. Само осуденик кој одлежал затворска казна може да истетовира црква или куполи на своето тело. Исто така, бројот на куполи не е случаен; еднаков е на бројот на затворски казни кои ги одлежал сопственикот на тетоважата.

2. Пајак

Тетоважата со пајак им кажува на сите дека нејзиниот сопственик е крадец. Пајакот кој изгледа како да се качува нагоре е порака дека неговиот сопственик е посветен на тоа да биде крадец и нема намера да ги запре своите криминални потфати. Спротивно на тоа, пајакот што се чини како да се спушта надолу значи дека лицето се обврзало дека ќе престане да краде. Во одредени случаи, пајакот фатен во својата мрежа може да укажува на тоа дека личноста со оваа тетоважа е зависна од дрога.

3. Мачка

Тетоважата која прикажува мачка е симбол на крадец-џепчија. Кратенката КОТ („мачка“ на руски) се дешифрира како коренной обитатель тюрмы, т.е. домородец или староседелец во затворот. Мачка која држи клучеви може да сугерира провалник.

4. Роза

Во рускиот криминален кодекс за тетоважи, розата е симбол на упропастена младост. Тетоважата на роза завиткана во бодликава жица значи дека нејзиниот сопственик бил затворен пред да стане полнолетен и дека станал полнолетен во затвор.

5. Нож забоден в грло

Оваа тетоважа им кажува на сите дека во минатото сопственикот избодел некого. Генерално, оваа тетоважа вели дека се работи за многу опасен човек.

6. Бубачка

Бубачката е уште еден симбол на џепчиите и крадците во Русија. За разлика од мачката, тоа е и начин да се пренесе порака до колегите крадци која вели: „Среќно крадење“.

7. Ѕвезди

Општо земено, ѕвездите, често повеќе отколку стандардната петокрака, претставуваат симбол на слободата за руските криминалци. Меѓутоа, значењето на оваа популарна криминална тетоважа варира во зависност од делот на телото на кој е поставена. Ѕвездите на рамениците означуваат „крадец во законот“ (вор в законе), односно авторитет, шеф; ѕвезди во пределот на клучната коска ја пренесуваат симболичната порака дека криминалецот е роден слободен; додека ѕвездите на колена се начин да се каже дека нивниот сопственик никогаш нема да го прифати авторитетот на затворските чувари.

8. „СЛОН“

СЛОН на кожата на руски криминалец нема никаква врска со истоименото животно. Во рускиот историски контекст, овој збор развил други значења. На пример, СЛОН значи Соловецкий лагерь особого назначения, што е името на озлогласениот советски затвор основан во 1923 година на Соловецките острови во Белото море. Како затворска тетоважа подоцна еволуирал за да вклучи и други значења. Две од најпопуларните се „Смрт од нож за џандарите“ („Смерть легавым от ножа“) и „Ништо освен несреќа од млади денови“ („С малых лет одни несчастья“).

9. Прстени

Рускиот кодекс за затворски тетоважи, исто така, има многу тетоважи-прстени и сите тие имаат свои специфични значења. Само искусен експерт за затворски тетоважи може брзо да ги прочита сите пораки шифрирани во прстените истетовирани на прстите на затворениците.

Одреден дизајн на прстенот може да сугерира дека лицето го отфрла авторитетот на затворските власти или е крадец кој тргнал по стапките на својот татко или дека е осуден за убиство или, алтернативно, прстенот може да укаже на одредена затворска каста на која затвореникот ѝ припаѓа.

10. Еполети

Ова е веројатно една од тетоважите кои најтешко се заработуваат во руското криминално подземје. Само најголемите шефови на подземјето заслужуваат да им имаат тетовирани еполети на рамениците, бидејќи овој симбол има јасно значење: целосно одбивање да се покае. Оваа тетоважа е знак за најпочитуваните и најопасни криминалци. Честопати, сопствениците на тетоважи со еполети доаѓаат од затвор со максимална безбедност и, можеби, имаат досие за поттикнување или активно поддржување на затворски бунтови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња