Многу Руси чуваат советски садови поради топлите спомени: старите сервиси и кристалните чаши ги потсетуваат на детството и внесуваат празнична атмосфера во домот. Иако овие садови речиси никогаш и не се користат, тие се пренесуваат од генерација на генерација.
Некои го чуваат во викендичка, други го чуваат длабоко во плакарот или дури и на отворени полици како украс, а некои го собираат и на аукции купуваат стари садови за шеќер и чинии за сос. Ретките советски сервиси денес можат да достигнат цена и од неколку стотици илјади рубли (или неколку илјади евра!)
Витрина со стаклени полици наредени со кристални чаши, чинии за салата и садови за бонбони за советските граѓани беше симбол на убавина и благосостојба.
Домаќинките кои не живееја во раскош се обидуваа да го украсат своето секојдневие со некои достапни предмети на просперитет. Во СССР се произведуваа големи количини украсно стакло и кристал за маса, кои беа релативно достапни за широките слоеви на населението. Овие садови се користеа само за празници, а понекогаш не се ни користеа, туку се чуваа само како украс и скапоценост.
Можевте да купите и чаши од обоен кристал. Тие беа поскапи, но високо ценети поради нивната убавина. Меѓу најпопуларните беа чашите „Суздаљ“. Се произведуваа во светли бои - зелена и жолта, и во мат нијанси.
За сервирање на салати беа наменети тешки кристални чинии со различни форми и големини. Ладните предјадења се служеа во „менажница“ (послужавник со повеќе вдлабнатини) и на мали тацни, исто така направени од кристал.
Еден од најголемите стравови на советското дете беше да не му падне од раце таква чинија!
Во слични садови, но со издолжена форма со дршка од легура на бакар и никел се служеа бисквити и бонбони.
Скапите порцелански сервиси беа пригоден подарок за годишнини, се чуваа исто така во витрини и се користеа само за празници и при посета на важни гости. Понекогаш се случуваше таква можност да се укаже само еднаш или двапати во целиот живот на неговите сопственици.
По правило, за секој ден се користеа евтини керамички чинии, чие кршење сопствениците лесно можеа да го прежалат. Иако, се разбира, во СССР имаше и семејства кои секојдневно користеа фини порцелански садови. Но, такви беа малку.
Во празничниот сервис задолжително имаше „сељодочница“, чие име укажува дека во неа се служеше риба („сељд“ е руски збор за харинга), а беше со издолжена овална форма. Но, во неа можеа да се најдат и салати, на пример, познатата „харинга во бунда“.
Сервисите за чај и кафе беа многу разновидни. Порцеланските комплети и денес се барани меѓу колекционерите.
Најпопуларните се произведуваа во Дуљевската и Ленинградската фабрика за порцелан. Ленинградската фабрика беше наследничка на Империјалниот завод, првото претпријатие во Русија за производство на порцелански садови. Двете фабрики постојат до ден-денес и произведуваат, меѓу другото, сервиси со советски дизајн.
Особено беа ценети примероците од Источна Германија и Полска, кои беа многу потешки за набавка од советските.
Во слободна продажба имаше сребрен есцајг, но беше значително поскап од приборот направен од легура на бакар и никел, па ретко кој можеше да си го дозволи.
Но, и есцајгот од бакар-никел се користеше само за празници и кога доаѓаа гости, додека на секојдневно ниво се користеше прибор од алуминиум или нерѓосувачки челик со пластични дршки.
Некои примероци на садови за домаќинство се користат и денес: термоси, кантички за млеко, тепсии и тенџериња. Советските домаќинки ги ценеа садовите од емајл.
Храната во нив не доаѓаше во контакт со металот, кој можеше да биде штетен за здравјето. Навистина, емајлот лесно се оштетува, затоа ако денес во домаќинството има такви тенџериња и кантички, тие не се користат за храна.
Многу домаќинки во СССР имаа тиган и тави за печење од леано железо. Рокот на употреба на леаното железо (ако се користи правилно) е неограничен, а вкусот на храната подготвена во него е сосема поинаков. Затоа е на цена и се користи и денес.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче