Секоја советска домаќинка која се грижеше за својата репутација имаше сервис за чај. Се користеше, за волја на вистината, само во посебни пригоди, кога доаѓаа гости на семејни и на државни празници. Особен шик беше да се има сервис од Фабриката за порцелан Ломоносов, украсен со кобалт во надалеку прочуениот мрежест дизајн. Шарата која стана еден од брендовите на Санкт Петербург настана во 1943 година според мотивот што сликарката Ана Јацкевич го осмисли по повод двестегодишнината на фабриката. Сериското производство започна во 1950 година.
Постојат две толкувања во врска со настанувањето на познатиот мотив. Според првото, официјално, мотивот всушност ја повторува шарата на личниот сервис на императорката Елизавета Петровна за време на чие владеење и започнало мануфактурното производство на порцелан (подоцна Фабрика за порцелан). Според другата верзија, таканаречената народна, цртежот претставува стилизација на вкрстено излепените прозорци за време на блокадата на Ленинград во Втората светска војна. Јацкевич ја прежиевала блокадата, при што во градот под опсада ја изгубила својата мајка и својата сестра и, сакајќи на ваков начин, како што вели легендата, да го овековечи споменот на нив. За својата работа сликарката има добиено златен медал на Светската изложба во Брисел во 1958 година.
Покрај порцеланот со префинета кобалтна шара, предмет на посакување беа и сервисите Мадона од Германската Демократска Република кои беше тешко да се најдат во продажба. „Буржоаскиот“ порцелан украсен со седеф, со позлата и со фигури на разголени девојки не се вклопуваше во ентериерот, но на советските зналци тоа не им пречеше.
„Се сеќавам дека кај баба овие чинии стоеја на истакнато место во креденецот и ме фасцинираа. Ги вадеше еднаш годишно, за својот роденден, кога одевме кај неа на гости, а таа ја поставуваше масата за чај. Денес ми се чини дека овие садови - во тесна, темна проодна дневна соба во стан во хрушчовка, која сепак е пријатна просторија, иако со ниски плафони и советски мебел од осумдесеттите години од минатиот век - изгледаа некако чудно. Но, за мајка ми останатите парчиња од Мадона значат сеќавање на нејзината мајка, а за мене се спомени од детството и собирањето на роднините на трпеза, од кои многумина повеќе не се меѓу нас“, вели Марија Афанасјева, сопственичка на неколку сервиси од времето на Советскиот Сојуз.
Сервисите за свечени пригоди, кои по правило се подаруваа на свадба, не служеа само за украс на ентериерот или за празнични трпези, но беа потсетување на важните семејни настани.
Шолјите за чај, чајникот и садот за шеќер најчесто стоеја на најдолната полица од креденецот. Покрај нив можеше да се најдат необични плоснати шолји со извиен клун, бањски шолји за пиење минерална вода. Советските граѓани си ги носеа од бањските одморалишта.
Во педесеттите години од минатиот век, здравствениот туризам во СССР беше широко распространет. Во земјата речиси да немаше семејство кое нема поминато одмор на бања. Главните лекувалишта беа бањите на Северен Кавказ. За оние што се одмораа Фабриката за порцелан во Кисловодск произведуваше посебни шолји кои овозможуваа минералната вода да се пие без да се вдише водород сулфид и без контакт на забната глеѓ со минералите што ја нагризуваа. На овие бањски шолји мошне често беше втисната годината на производство, па воедно беа и спомен од одморот на југ.
Празничните салати во слоеви, како што е „харинга во бунда“ или мимоза, нешто поедноставната за правење руска и винегрет салата, како и бројни домашни деликатеси изискуваа специфично сервирање. На масата се изнесуваа во тешки кристални садови за салата кои домаќинките ги чуваа во креденецот. Овие садови се наоѓаа на втората полица. Најчесто се произведуваа во градот Гус Хрустаљни во Фабриката за стакло. Тешките кристални вази се подаруваа за годишнини, за заминување во пензија, за 8 Март, па секој советски дом имаше цели колекции.
„Харингата во бунда е навистина добра во кристална ваза. Татко ми беше камионџија, имавме кристал и стакло во изобилство, особено оној од Гус Хрустаљни. Кога се пие од кристална чаша за вотка или од некоја друга кристална чаша чувството е поубаво. И вазите ми се допаѓаат, сите ги имам зачувано“, вели една учесничка на дискусија на форумот за носталгичари по Советскиот Сојуз.
И додека „тешкиот“ кристал главно беше советски, чашите од најразлични видови и облици, со нога или без неа, требаа да бидат увозни. Чешкиот кристал се сметаше за знак на добар вкус и за тоа дека семејството е имашно, со оглед на тоа дека беше поскап од домашниот.
Чистењето кристал претставуваше посебен ритуал. Неколку пати годишно или дури и почесто советската домаќинка го вадеше своето богатство од креденците за да го исчисти во раствор од оцет. Благодарение на тоа и на реткото користење, садовите блескаа како нови.
„Уште од детството ми велеа дека кристалните садови од ѕидните гарнитури не смеат да се земаат и дека се наменети за посебни пригоди. Притоа сите овие садови ги вадеа, ги миеја и ги враќаа на своето место два до три пати годишно. Значи, дали веќе може да се извади кристалот од креденецот или уште не“, се пошегува еден корисник на Интернет-форумот, објавувајќи фотографија од бабиниот креденец преполн со кристални садови.
„А, ние кристалот го вадевме за секој празник. Ќе ја отвориш вратичката од орманот и ќе го извлечеш кристалот од ризницата, сервисот од НГР и свеченото расположение може да започне, нешто како елка за Нова година“, му одговори сериозно еден друг коментатор.
Освен садовите, во креденците на видно место се чуваа најразлични предмети донесени однекаде за спомен, како што се да кажеме порцелански или стаклени фигуринки во боја или матрјошки. На задната страна од креденецот се наоѓаше огледало каде можеа да се видат разгледници што ги испраќале роднините, фотографии на родителите од фронтот, децата и внуците во свечена училишна униформа (девојчињата секогаш беа со панделки во бели кецели, а момчињата со црвени пионерски марами). Имаше и исечоци од весници во кои се пишуваше за работните победи на членови од семејството или на претпријатијата во коишто работеа.
По распадот на СССР тогашната млада и напредна генерација тежнееше да се ослободи од советскиот креденец и неговата содржина како застарен крш. Триесет години подоцна интересот за советското наследство се враќа, а денешните генерации ги бараат бабините сервиси и кристали на пазарите за стари работи. Дизајнерите го обновуваат ретростилот во ентериерот, копирајќи и реставрирајќи ги споменатите креденци. Во некоја рака тоа е должна почит кон советскиот дизајн кој според естетските и функционалните карактеристики често го надминува современиот мебел и предметите за секојдневна употреба. Од друга страна, и во голема мера, станува збор за носталгија.
Според истражувањето на јавното мислење спроведено во Русија во 2018 година, 66 отсто од испитаниците признало дека им е „жал за СССР“, при што излезе дека нивниот удел е максимален за изминатата деценија. Притоа порастот на ваквото расположение се врзува за сите старосни групи, вклучувајќи ги младите луѓе помеѓу 18 и 24 години, кои се родени по распадот на Советскиот Сојуз, но кои можеби се израснати меѓу предмети од советското секојдневие.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче