Дваесет и двегодишната Ана Линикова ја претставуваше Русија на меѓународниот избор за „Мис Универзум 2023“ што годинава се одржа во Њу Орлеанс. Таа влезе во полуфиналето на натпреварувањето како една од 86 најубави девојки во светот, но не успеа да се пласира меѓу 16 финалистки и таму беше елиминирана.
Еден од најинтересните моменти на натпреварувањето беше ревијата на национални носии на која таа се појави во фустан наречен „Круната на Руската империја“. Таа носеше краток фустан, украсен со бисери, циркони и рубинови кристали, инспириран од ерата на Романови.
Ова е втор пат Ана да учествува на натпревар во убавина. Пред тоа, таа учествуваше во националниот избор „Мис Русија“ и победи во конкуренција на 75 илјади девојки од цела Русија. Како награда доби специјален хонорар, договор и круна вредна 77 милиони рубљи (речиси еден милион долари). Вистина, таа непрестајно повторува дека никогаш не се гледала себеси во манекенството и избори за убавица.
Родена е во Оренбург во обично семејство. Првата работа ја добила на четиринаесет години во локална фабрика, затоа што така сакала самата. „Отидов во Бирото за вработување да побарам работа“, објаснува Ана, чиј помал брат како дете се здобил со тешка повреда на главата и семејството ги трошело сите пари за негова рехабилитација.
Со манекенство почнала да се занимава благодарение на среќна околност. Агенцијата ја пронашла на социјалните мрежи по серијата фотографии направени на улица. Претставниците на агенцијата ги виделе тие фотографии и ѝ понудиле договор. „Сакав само нов аватар на мрежата „ВКонтакте“, а на крајот потпишав договор и така почнаа моите патувања во странство“, вели Ана. По три месеци, таа заминала во Кина, а потоа и следеле договори во Јапонија, Виетнам, Индонезија и други азиски земји.
Школувањето на физичко-математичката насока го продолжила на далечина. „Изненадувачки, но во странство самостојно учев подобро отколку порано кога одев на училиште и седев во клупа“, истакнува таа.
За свои најдобри особини Ана ги смета работната способност, издржливоста и прибраноста и токму тие ја доведоа таму каде што се наоѓа денес. Со релативно помала висина за манекенки од 173 см таа стигна до првата лига.
„Секогаш ставам пари на страна и се трудам да инвестирам во себе и мојата работа. Првиот сериозен хонорар го ставив во банка за штедење“, вели Ана.
Покрај манекенството, таа студира на Санктпетербуршкиот универзитет за технологии на менаџмент и економија, насока односи со јавноста, а има намера да студира и историја на уметност и веќе има свој бренд за облека Line 44. Отсекогаш била заинтересирана за култура и уметност и добро зборува англиски и француски јазик.
И покрај големата љубов кон скапата декоративна козметика, таа не се плаши од природен изглед. „Често излегувам без шминка. Спрема тоа се однесувам целосно опуштено. Можам да ставам малку руменило и да ги средам веѓите. Најважно е кожата да биде чиста и негувана. Големо внимание посветувам на хидратацијата. Се трудам да пијам многу вода, околу литар и половина дневно. И секогаш да бидам добро наспана. Тоа е најголемата тајна на убавината“.
Победата на изборот за „Мис Русија“ во јули минатата година Ана ја прославила со брза храна. Признава дека не следи строга диета туку ги следи принципите на интуитивна исхрана. „Моментално сум во рамнотежа со мојот организам, па нездравата храна не ме привлекува често. Напротив, со задоволство јадам риба, зеленчук, салати, обожавам овошје. Ако ептен ми се пријаде нешто штетно, не си го бранам тоа. Најважно е да се има мерка“.
Покрај тоа, таа не може да си го замисли својот живот без спорт. На училиште многу сакала да трча, а сега не пропушта да оди во теретана.
За својот приватен живот дваесет и двегодишниот модел вели само: „Моето срце во моментов е слободно“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче