Веќе пишувавме за тоа колку веројатно е во Русија да сретнете тигар, но каква е ситуацијата со леопардите? Излегува дека овде живеат и овие диви мачки, и тоа дури три различни вида. И сите се многу ретки.
Ова е најсеверниот леопард во светот, кој тропските џунгли ги заменил со непроодната тајга и мекиот снег на руското приморје. Тој е 1,5 пати помал од неговите африкански роднини (тежи 50 килограми најмногу), но е еднакво грациозен и исто толку дамчест.
Научниците можат да ја разликуваат секоја единка по индивидуалната шара на крзното.
Црните дамки на амурскиот леопард бледнеат во текот на зимата, што му помага да се камуфлира во снежни услови (жолтеникавата боја не му пречи во ловот, бидејќи неговиот плен - срната - не разликува бои).
Амурскиот леопард долго време е пожелен улов за ловокрадците, а иако ловот на него беше забранет во 1956 година, овој вид е на работ на изумирање.
Вкупно се регистрирани околу 130 единки: 120 во Русија, при што претежно живеат на територијата на националниот парк „Земјата на леопардот“, додека останатите живеат во Кина, во пограничниот појас со Русија. Меѓу нив има и такви кои слободно преминуваат од една во друга земја без документи. А кој би се осмелил да им побара?
Овој леопард живее во планините, а особено избира карпест терен. До неодамна се сметаше за целосно исчезнат. Во старо време ги населувал Кавказот и Централна Азија, но до 1950-тите практично веќе бил истребен.
Од 2006 година во Русија се прават напори за зголемување на популацијата на кавкаскиот леопард. Неколку пара животни беа донесени во Националниот парк Сочи од дивините на Туркменистан и Иран (каде што сè уште може да се најдат), како и од зоолошки градини во Португалија и Шведска. Леопардите се одомаќинија и нивното потомство беше забележано во Чеченија и Северна Осетија. Патем, токму овој вид леопарди е прикажан на грбот на Северна Осетија.
Денес, на Кавказ живеат 13 леопарди од овој вид: три во Сочи, пет во Северна Осетија и една женка во Кабардино-Балкарија.
Кавкаскиот леопард е малку покрупен од амурскиот, а зиме неговото крзно е многу светло, со сивкаста нијанса. Неговите дамки не се црни, туку темно кафени.
Снежниот леопард или ирбис е љубител на високи планини. Се разбира, сите мачки сакаат да се искачуваат високо, но снежниот леопард живее таму каде што можат да стигнат само малкумина љубители на екстремните предизвици.
Оваа дива дамчеста мачка може да се сретне на надморска височина од 1.500 до 6.000 метри во планините Тјен Шан, Памир и Хималаи. Во Русија ги населува јужниот дел на Сибир, Источните Сајански планини и Алтај. Во светот има само неколку илјади снежни леопарди и секаде се заштитен вид.
Погледнете само колку вешто се движат по карпите:
Како и другите леопарди во Русија, практично е невозможно да се видат во дивината, ретки се и многу добро се кријат. За ирбисот е карактеристична многу долгата опашка - долга околу еден метар. И забавната навика да ја носи таа опашка во забите. А зошто го прави тоа, можете да дознаете овде.
Бонус!
Оваа симпатична шумска мачка ги населува рускиот Далечен Исток, бреговите на езерото Ханка на границата со Кина и националниот парк „Земјата на леопардот“. Потсетува на мал леопард, а во лов се однесува како сериозен грабливец.
Шансите да ја сретнете во дивината се минимални, бидејќи е многу редок вид. Меѓутоа, понекогаш ги посетува луѓето, ако процени дека има премногу гуски и кокошки кои трчаат наоколу кај нив. Најважно е да не се обидувате да ја припитомите. Дознајте повеќе овде.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче