Обично тигрите се поврзуваат со џунглата и тропските предели на Азија. А можете ли да ја замислите оваа дива пругаста мачка среде снег? Амурскиот тигар е најсеверниот меѓу своите роднини, а исто така е и најголемиот.
„Маче, оди шетај. Дај да си ги собереме трските, ловиме риба“ - видеото во кое жители на рускиот Приморски крај сретнаа млад тигар на одмор веднаш го освои интернетот. Дивата мачка им пријде на луѓето сосем близу и набљудуваше што прават и што уловиле. А на крај – задолжително погледнете! - со забите ја грабна кофата со риба и ја однесе во тајгата.
Ваквите снимки на интернет се релативно чести, но ретко се случува во нив да не се најдат некоја пцост. Тоа е разбирливо, бидејќи огромното животно може да внесе нервоза и кај најхрабрите. Замислете само дека ви се приближува тигреста ѕверка долга два метри (и уште два метра опашка) и тешка 100 килограми!
Амурските тигри (познати и како усуриски и сибирски) живеат на истокот на Русија, во дивите иглолисни шуми на Хабаровскиот и Приморскиот крај и во Амурската област. Денес ги има нешто повеќе од 500 на руска територија и уште неколку десетици во Кина. Овој вид тигар се смета за многу редок и е под заштита на државата.
Од јужните браќа се разликува не само по тоа што е поголем, туку и по тоа што е поотпорен на студ. Зиме тигрите добиваат густо крзно, а на стомакот слој сало дебел пет сантиметри.
Друга специфичност се големите бели дамки на ушите на женките. Кога ќе добие младенчиња, мајката така ги поставува ушите за да се гледаат дамките навечер, за да не се изгубат.
Секој тигар има своја територија, која е прилично голема, околу 500-600 квадратни километри. И, според научниците, амурскиот тигар може да го помине целиот свој живот на оваа територија, доколку има доволно храна таму.
Дивите животни генерално не сакаат сообраќајна бучава и гласни звуци. Затоа се трудат да се држат настрана од луѓето, но сепак повремено се појавуваат по селата. Жителите на малите населби често гледаат траги од тигри во близина на нивните куќи, ако не се далеку од шумата. Нив ги привлекува, се разбира, лесниот плен. Не, луѓето не се на нивното мени, туку овци, па дури и кучиња.
На оваа снимка луѓето во автомобил наидоа на тигар на патот меѓу Владивосток и Усуријск. Во близина поминува железничка пруга. Но, тигарот сепак тргнал на прошетка.
„Кочи. А! Мачка! Види, убавица!“
„Седејќи на каучот дома е лесно да се зборува: колку симпатична мачка, убавец и слично. А кога таа мачка ќе се појави во центарот на селото, каде што седи под трактор и чека некого, не изгледа баш ни добро ни убаво!“ – пишува Аљона од Хабаровскиот крај. „Има многу срни, но тешко се ловат. Овој стана толку дрзок што во 8 навечер дојде на патот да набљудува“.
Во Хабаровскиот крај стручњаците во 2021 година добија над 280 пријави за појава на тигри во населбите, од кои половина беа потврдени. Околу стотина беа потврдени во Приморскиот крај. Во секој конкретен случај се собира оперативна група.
„Понекогаш се случува луѓето да видат трага во близина на селото и веднаш телефонираат. Излегува дека тигарот само поминал покрај нив“, вели началникот на управата за заштита на животинскиот свет на Приморскиот крај Алексеј Сурови. Според него, тигрите често напаѓаат домашни животни оставени во шума и кучиња, мислејќи дека се волци, нивните природни непријатели. „Нападот врз луѓе е исклучително ретка појава“, вели тој.
Центарот „Амурски тигар“, кој редовно објавува снимки од средби со тигри, потсетува дека при средба со тигар треба да се остане смирен и да не се паничи. Тие јасно го чувствуваат нашиот страв. А вака го прават тоа професионалците.
„Дечко, кај си тргнал? Ајде, бегај оттука!“
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче