Зошто Русите за стереотипите за себе го користат изразот „кљуква“?

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Што значи „кљуква“ кога станува збор за филм? Зошто токму „кљуква“ и кој го смислил тоа? Дознајте кога и како популарниот руски идиом се одомаќинил.

„Како вие Русите излегувате на крај со тензиите и со стресот?“

„Вотка“.

Вака зборуваше во легендарното „Црвено вжештување“ (1988) јунакот што го игра Арнолд Шварценегер. Инаку Русите (во филмовите секогаш Борис или Иван), покрај тоа, како што се знае, уште од раното детство си играат со автомат Калашников 46, носат капа ушанка, сакаат балалајка, а дома имаат мечка врзана за синџир. Кога пијат наздравуваат со зборовите „на здаровје“, а вотка пијат наместо вода. Сите се членови на големата и страшна руска мафија. Носат одела или тренерки Адидас.

Со Русинките е исто така сѐ јасно – не смееш да им веруваш! Тие се секогаш занесни убавици, се викаат Наташа, а всушност се тајни агенти на КГБ, така што сигурно ќе ја искористат секоја можност што ќе им се даде да ве убијат.

Ние во Русија за сето тоа велиме само едно (и секако, го проследуваме со гест, т.н. „фејспалм“): КЉУКВА!

Но, чекајте... каква врска со тоа имаат шумските бобинки, односно кљуквата?

Каква врска има „кљуквата“ со тоа?

„Кљуква“ е израз за најинтересните стереотипи и претстава на странците за Русија кои имаат мошне малку или воопшто немаат допирни точки со реалноста. Интегралната верзија на изразот всушност гласи „развесистая клюква“ (разгранета кљуква), а во речникот на Ожегов толкувањето е всушност дека зборот кљуква се користи во иронично значење како измислици или голема невистина. Токму интегралната верзија на овој израз ја разоткрива смислата на идиомот.

Ако некој некогаш видел брусница во природата знае дека таа расте на ниска грмушка, мочуришната кљуква ползи по земјата и никако не може да биде разгранета како широката крошна на некое дрво. Односно ваквата кљуква во природата не постојат. Но, странците кои пишувале патописи од Русија кон крајот на 19 век тврделе дека шетале под „разгранета кљуква“ и така ги засмејувале Русите. Според едно од толкувањата идиомот токму тогаш и настанал.

Постои и толкување за настанокот на овој идиом според кој станува збор за погрешен превод. Имено, во англискиот јазик не постои збор за калина, грмушка со црвени бобинки што се јадат, слични на кљуква. Калината на англиски исто така се нарекува highbush cranberry и под неа и може да се прошета. Грмушката на калина може да стаса и до пет метри во висина.

Меѓутоа, без оглед на тоа дали станува збор за измислица на раскажувачите или за погрешен превод, овој оксиморон излезе како добредојден. Поради тоа што слични апсурдни претстави за Русија веќе дотогаш имало. Така, да кажеме, „Московские ведомости“ во 1872 година цитирале статија за Москва објавена во популарниот париски неделник „L’Illustration“ во кој меѓу „најстарите верски споменици изградени во ѕидините на Кремљ е наречен Храмот на Христос Спасителот, кој инаку во тој момент не бил завршен и притоа немал никаква врска со Кремљ. Авторот од „Московские ведомости“ не ја пропуштил пригодата да боцне. „Замириса на оние луди времиња кога францускиот турист зборуваше како во Русија седел во сенка на кљуква“.

Овој израз често е користен во фељтоните на руските гласила и брзо влезе во разговорниот јазик. Списокот феномени кои потпаѓаа под „кљуква“ со текот на времето растеше и се менуваше. Русија во 1908 година во странство беше позната како земја „во која под сенката на разгранетата кљуква селаните пијат пијалак кој се нарекува самовар“ (самовар, како што е познато, е стар руски чајник, а не пијалак), а денес како земја во која секој втор граѓанин е шпион, сите се комунисти, и уште многу други нешта.