Руски снагатор повлече два трамвајски вагона тешки преку 80 тони и постави рекорд (ВИДЕО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Таганрошкиот богатир, како што го нарекоа медиумите, го постави својот најнов рекорд за Денот на градот.

Снагаторот Александар Степанов, наставник по физичко воспитување во училиштето број 31 во Таганрог (пристанишен град на југот на европскиот дел на Русија), во неделата на улицата „Карл Либкнехт“во овој град помести два споени трамвајски вагона тешки 80 тони и на тој начин постави рекорд.

Овој долгогодишен спортист, инаку член на организацијата „Најсилната нација на светот“, помести во рок од 47 секунди два трамваи за метар и половина, така што едниот крај на сајлата беше врзана за трамвајот, а другиот за неговиот сигурносен појас додека тој се движеше по метална скала поставена на бетонска подлога во хоризонтална положба.

Пред да ги повлече трамваите, тој се загреваше така што претвори во стуткано купче метал дебела метална конструкција и железната тава.

На насобраната публика ѝ откри уште неколку снагаторски трикови  така што помести автомобил држејќи сајла во забите.

Како што истакнува, има амбиција не само да ги развие сопствените способности во снагаторство, туку и да им покаже на своите сонародници што сé може да се постигне со вежбање и да ги анимира да се занимаваат со спорт.