За 11 години во Москва изградени 280 цркви!

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Во Москва изградени повеќе цркви од претходно планираното.

„Црквите се градат затоа што тоа им е потребно на Московјаните“, објасни Руската православна црква. 

Наместо планираните двесте православни цркви, во руската престолнина веќе се изградени 280 цркви. Инаку, иницијативата за изградба на повеќе храмови во станбените области на градот ја покрена патријархот Кирил во 2009 година (реализацијата на оваа програма започна во април 2011 година).

„Веќе се изградени и предадени на користење 280 храмови, на 15 или 16 јули работите ќе бидат завршени. Првично планиравме да изградиме само 200 храмови. Меѓу жителите на градските реони (кои се оддалечени од центарот – заб. на уред.) оваа програма многу барана.  Тоа не е просто желба на црквата, туку желба на народот да има храм до кој ќе можат да стигнат пеш. Луѓето многу го сакаа тоа и затоа им излегуваме во пресрет“, изјави членот на Патријаршискиот совет за култура на РПЦ протојереј Леонид Калинин.

Но, тоа не е сé, планирано е проширување на програмата и во внатрешноста на земјата.

„За спроведувањето на слична програма во другите региони на Русија треба да биде одлучено на локално ниво. Програмата ќе се воведе во оние региони каде што има потреба населението. Тоа се Нижегородската област, Новгородската, Черноземјето [кое го сочинуваат регионите од јужниот дел на Централна Русија]. Потребно е не само да се градат храмови, туку и да се обновуваат постојните. Тоа е многу важна задача. Тоа е прашање на постоење на добри проекти кои можат да се реализираат ако се земе предвид искуството стекнато во нашата програма. Тоа се многу сложени и скапи проекти“, додаде тој.

Програмата за изградба на православни храмови во Москва, која претходно беше наречена „Програма „200 храмови“, се реализира од прилозите на верниците.