Како една домаќинка од Кина помина 10 години создавајќи алтернативна руска историја

Начин на живеење
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Нејзините исклучително детални статии се наречени најголемата измама во историјата на Википедија до ден-денес.

Веројатно најголемата измама во историјата на Википедија беше откриена кога кинескиот романсиер по име Јифан Вонг се нурна во темата за историјата на Русија за да добие инспирација. Движејќи се низ онлајн-енциклопедијата, тој набрзо најде запис за рудник за сребро во Кашин.

Во статијата се тврдело дека рудникот бил толку богат што предизвикал спор меѓу Тверското кнежество, кое првично го открило овој уникатен извор на богатство, и моќното Московско кнежевство, кое сакало да ја преземе контролата над рудникот. Следеле низа разорни војни, почнувајќи од 1305 година, кои траеле повеќе од сто години, сé додека Тверското кнежевство не пропаднало 1485 година. Барем така се случило, според многу деталмиот опис на кинеската Википедија.

„По падот на Тверското кнежевство, Големото московско кнежевство продолжи да го експлоатира рудникот, сè додека не беше затворен во средината на XVIII век, поради исцрпеност“, се наведува во написот.

Вонг набргу открил стотици сродни статии кои се повикуваат една на друга и прикажуваат исклучително детална паралелна реалност на руската историја. Некој се потрудил овие лажни записи да изгледаат автентично, веродостојно и доверливо за просечниот читател кој не е запознаен со руската историја.

„Ликови кои не постојат на англиско-руската Википедија се појавуваат на кинеската Википедија и се измешани со вистински историски личности така што не може да се разликува вистинското од лажното. Дури и долгата војна меѓу Москва и Твер се врти околу непостоечкиот рудник за сребро Кашин“, напиша романсиерот, кој почувствувал дека нешто не е во ред.

Истрагата што следеше на Википедија откри дека сите лажни записи ги креирало едно лице кое користело најмалку четири лажни профили за да создаде алтернативна историја на Русија.

Wikipedia

Сите лажни статии ги напишала Жемао, корисничка која се претставувала како ќерка на кинески дипломат во Русија, експерт за руска историја и сопруга на руски државјанин. Во реалноста, зад лажниот идентитет се криела домаќинка од Кина, која завршила само средно училиште.

Жената со години градела алтернативна руска историја дел по дел, детално мешајќи го истражувањето со фантазијата и спојувајќи ги резултатите од својата работа во Википедија на кинески јазик.

Откако жената беше разоткриена, таа призна и објави писмо со извинување.

„Како што велат, ако сакате да се излажете, треба да кажете повеќе лаги. Се двоумев да ги избришам стотиците илјади зборови што ги напишав, но како резултат изгубив милиони зборови и мојот круг на академски пријатели. Тешко е да се надоместат неволјите што ги предизвикав, па можеби трајната забрана за мене како автор на Википедија е единствената опција. Моите сегашни знаења не се доволни за да заработувам за живот, затоа сакам да научам некаков занает, да заработувам пари на чесен начин и никогаш повеќе да не се занимавам со вакви небулози“.

Иако ова лесно може да биде најголемата измама во целата историја на Википедија, многу луѓе ѝ изразија поддршка на жената која со години создавала уникатна, иако измислена, работа.

„Навистина е прекрасно да се измисли цела историја со детали како што се сите видови облека, пари и садови“, напиша еден корисник на кинеската социјална мрежа „Веибо“.

Кој знае, можеби сега веќе познатата домаќинка ќе добие понуда да објави роман базиран на нејзините лажни, но многу имагинативни статии на Википедија.