Русин на нива најде меч стар повеќе од 1500 години (ФОТО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Еден жител на рускиот Приморски крај му подари на Музејот-резерват на историјата на Далечниот Исток „В.К. Арсењов“ меч стар повеќе од 1500 години. Древното оружје Дмитриј Синељников го пронајде во својата нива, орајќи ја земјата, по што на музејот му испрати фотографија од пронајдокот со прашање дали им треба мечот.

По деталниот стручен преглед се покажало дека станува збор за меч од времето на Трите царства, периодот на трите држави кои постоеле во јужна Манџурија и на Корејскиот полуостров во периодот од I век п.н.е. до VII век од нашата ера. Артефактот е прелиминарно датиран врз основа на слични предмети пронајдени на Корејскиот полуостров, од периодот од V до VII век, соопшти прес-службата на музејот.

Според зборовите на главниот кустос на музејот Максим Јакупов, мечот ќе биде испратен на конзервација и проучување, а подоцна ќе влезе во музејскиот фонд на Русија и ќе оди на реставрација. Потоа експонатот најверојатно ќе биде вброен во збирката оружје во рамките на поставката „Магијата на сечивото“, каде што ќе биде изложен и ќе може да се види.

Покрај ладно оружје, во оваа музејска сала беше презентирано и заштитно оружје на војниците од Русија, земјите од Европа и САД, Јапонија, Индоперсискиот регион и Кина од крајот на XVIII и почетокот на XX век.