Дури и во арктичката тундра: Запознајте 13 птици кои живеат само во Русија

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Според последните податоци, во Русија живеат околу осумстотини видови птици, но само овие се „ендемични“, што значи дека не можете да ги сретнете на ниедно друго место во светот.

Охотски и пепелав спрудник

Станува збор за птици од многу разгранета фамилија на спрудници и шлуки кои претежно живеат покрај вода. Охотскиот спрудник ги населува бреговите на Охотското море и островот Сахалин, додека областа за гнездење на пепелавиот спрудник е значително поголема. Тоа се планините на североисточен Сибир (вклучувајќи ја висорамнината Путорана), Чукотка и Камчатка.

Спрутки

Голема, долгопрста, остроопашеста и црвеникава спрутка - овие блиски видови од семејството на шлукарки живеат само во Русија. Се гнездат на северот на Источен Сибир, на Далечниот Исток на Русија, па дури и во суровите услови на арктичката тундра.

Кулик-лопатењ

Уште една птица од семејството шлукарки главно ги населува приморските брегови на Чукотка. Името на видот доаѓа од специфичната форма на клунот, кој наликува на лопатка. Ова е редок вид на работ на истребување.

Мала шлука

Оваа птица е мала само во споредба со другите видови шлуки. Имено, распонот на крилата ѝ е над 50 сантиметри. Се гнезди покрај реките, во тајгите на Источен Сибир, а зимите ги поминува во Австралија.

Шареноглава патка

Оваа убавица од семејството на патки е единствена од родот Sibirionetta, што укажува дека го населува Сибир, а поточно, се сретнува од северните делови на полуостровот Тајмир до Охотското Море.

Науманов дрозд

Дроздот, именуван по германски орнитолог, е подвид на лисестиот дрозд. Препознатлив е по лисесто-црвените дамки на градите и боковите. Го населува југот на Сибир.

Сибирско попче

Оваа птица песнопојка има окер-жолти веѓи и гради, а кафеавата лента преку очите потсетува на маска. Ја населува првенствено северната тундра.

Сибирска црвена сипка

Светло-црвените мажјаци од овој вид не можат да се помешаат со други птици. (На обичните црвени сипки црвена им е само главата.) Ги населува планските предели на тајгата во Источен Сибир.

Сибирска сипка

Неискусниот љубител на птици лесно ќе ја помеша оваа птица со врабец и нема да му замериме за тоа. Имено, оваа птица припаѓа на фамилијата врапчарки. Сибирската сипка, како што сугерира нејзиното име, го населува Сибир. Се среќава на територијата на копнениот дел покриен со тундра, како и на Чукотка, Камчатка и најблиските Командорски острови.

Сибирски тетреб

Понекогаш овој вид од фамилијата фазани (поточно неговата подфамилија тетреби) се нарекува азиски или амурски тетреб. Го населува Далечниот Исток, планинските делови на Амурската област и островот Сахалин, каде популарно се нарекува „смирен рјабчик“ (смирена лештарка).

Гуска црвеноволка

Овој редок вид птица од семејството патки се гнезди во тундрата на северните региони, Тајмир и Јамал, а зимува на југ: покрај Црното море и Каспиското езеро.

Златовеѓеста сипка

Оваа птица од фамилијата сипки лесно може да се препознае по карактеристичните жолти „веѓи“. Живее во Источен Сибир, а долга е само 15-16 сантиметри.

Стерх или бел жерав

Една од најубавите птици на нашата листа се наоѓа на работ на истребување. Притоа многу единки умираат за време на миграциите. Со цел што е можно повеќе бели жерави да стигнат до местото на гнездење, научниците го смислија „Летот на надежта“ за време на кој човек на змеј со опсег на крилја на жерав им дава правец на птиците за време на сезонските миграции. (Во оваа акција во 2012 година учествуваше и Владимир Путин, кој лично управуваше со еден змеј).

Уште еден вид жерави живее претежно во Русија. Тоа е црниот жерав, но тој преку зима често оди во Јапонија, Јужна Кореја и Кина.