Зошто Русија има толку многу милионски градови?

Начин на живеење
ЕЛЕОНОРА ГОЛДМАН
Четвртина население на Русија живее во 15 најголеми градови на земјата, кои од година на година се сé поголеми.

Русија го зазема четвртото место во светот по бројот на градови со население од над еден милион жители. Само Кина, Индија и Бразил имаат милионски населби. Генерално, нивото на урбанизација во земјава веќе неколку децении е над 70%. Во исто време, Русија е на деветтото место кога станува збор за вкупниот број на население со само 146 милиони луѓе. Зошто граѓаните на најголемата земја во светот претпочитаат да живеат во големите градови?

Набиено, ама удобно

Повеќето руски градови со над милион жители се создадени во советскиот период како резултат на посебна државна стратегија која на големите градови им даваше специјален статус и повеќе средства, што значеше дека тие имаа повисоко ниво на образование, домување и здравствена заштита.

Климата е исто така една од причините зошто луѓето ги избираат големите градови. Животот во нив е полесен во зима и во лоши временски услови. Одењето на работа е многу поудобно благодарение на добриот јавен превоз и чистите улици. Покрај тоа, овие големи градови имаат подобра понуда на трговски центри, кафулиња и забавни центри со загреани зони каде што луѓето можат да поминуваат време со пријателите кога времето е лошо.

Советските градови со над милион жители имаат право да изградат метро, ​​а доколку сте ја посетиле Москва, сигурно сте забележале дека старите станици се неверојатно убаво уредени и украсени со мермер и мозаици. Нормално дека и другите градови сакаа такви станици и подземен сообраќај што би ги решил сообраќајните проблеми во градот. Така, метрото беше изградено само во 13 советски градови, иако, се разбира, имаше и многу други сообраќајни проекти.

Денес, руските градови повеќе не добиваат таков повластен третман како во советската ера, но колку е поголем градот, толку е поатрактивен за бизнис и инвестиции, вклучувајќи угостителски, трговски и услужни дејности кои најуспешно функционираат во големите урбани центри.

Само во Москва живеат над 12 милиони луѓе, а кога на тоа ќе се додадат и жителите на околните делови на Московската област, доаѓаме до бројка од над 20 милиони.

Освен во главниот град на Русија, над милион луѓе живеат и во следниве руски градови:

Од села во градови

Освен Москва и Санкт Петербург, другите поголеми руски градови се појавија релативно неодамна, во ХХ век. Според пописот од 1897 година, Москва имала околу милион жители, а Санкт Петербург околу 1,3 милиони. Следните милион градови се појавија кон крајот на 60-тите и тоа беа Горки (денешен Нижни Новгород), Новосибирск, Кујбишев (денешна Самара) и Свердловск (денешен Екатеринбург).

Се работи за тоа дека пред Октомвриската револуција во 1917 година само 15% од населението на Русија живеело во урбани средини, додека остатокот од населението живеело во села и се занимавало со земјоделство. Тоа се промени во раните советски години кога владата започна програма за индустријализација на земјата. До 1920-тите градовите почнаа да се формираат околу фабриките и рудниците ширум целата земја. Тоа требаше да му обезбеди на советското население не само работа и станбен простор, туку и забава и активен социјален живот.

Па дури и во најоддалечените делови на земјата градовите не само што обезбедуваа работни места, туку и добар јавен превоз, паркови, културни центри и универзитети. Оваа забрзана урбанизација не престана ниту за време на Втората светска војна, во текот на која беа основани над 50 градови, имајќи предвид дека голем број фабрики беа евакуирани од централна Русија.

Поради ваквиот развој на настаните во средината на ХХ век многу жители на СССР се преселија од селата во градовите во потрага по подобра работа, образование и поудобен живот.