Како чудовиштето во тегла или комбухата стана главна советска суперхрана?

Helder Faria/Getty Images
Наизглед грозна напивка со нешто налик на медуза во теглата го освои целиот Советски Сојуз. Им се подаруваше на роднините и на пријателите, а му се даваа лични имиња.

Сите што живееја во Советскиот Сојуз дома одгледуваа или кај некој познаник имаа видено лигаво „тело“ што плива во тегла од три литри во матна кафеава вода. Тоа растеше и со својата маса ја исполнуваше целата површина на водата за само една недела, а ако одвреме-навреме се додаваше шеќер и се водеше сметка, во куќата можеше да живее со години.

Ова е чајната габа, позната и како комбуха, ферментирана напивка на база на сладок чај, квасец и бактерии на оцетна киселина.

Лигав љубимец

„Јас таа габа не само што не можам да ја пијам, ами не можам ниту да ја допрам за ништо на светот. Имав само околу пет години и дојдов на гости кај мојата сакана баба. Таа стои во кујната, подготвува, ја зеде од теглата таа проклета габа и ја лупи (ги трга од таа гадост слоевите). Јас нешто правам во нејзина близина. Мојата баба, инаку, е една мошне жива женичка, мангуп-дама. Што сè не ќе смислеше за да ги забавува децата. Зеде еден слој, си го стави на лицето и се заврти кон мене. Изгледаше исто како Фреди Кругер. Сè уште се сеќавам како ме лажеше за да ме извлече од орманот во кој се бев затворила“.

Ова е само една од илјадниците приказни за чајната габа кои се прераскажуваат на Интернет. И додека едни многу ја сакале, други кога ќе ја виделе имале само една мисла: Ех, да имам фрлач на оган во близина.

Се верува дека чајната габа се појавила пред две илјади години во Кина, а потоа стекнала приврзаници ширум светот. Се одгледува релативно едноставно. Во засладен чај се додава зооглејата, слузавото „тело“ кое се формира со присуство и со активност на бактерии. Чајот, всушност кофеинот во чајот, има улога на хранлива средина за бактериите и за квасецот. Колку што е колонијата поголема, толку е „подебело“ и поголемо „телото“. Садот со печурката се остава да ферментира неколку дена или цела седмица. За тоа време чајот станува малку благ, силен напиток (понекогаш и алкохолен).

Потоа телото се вади, а пијалакот се прелева во шишиња. Една чајна бактерија може да живее многу долго доколку еднаш неделно се додава нов чај.

Наједноставен начин да се добие нова чајна габа беше течноста да се прелие во друго шише (со текот на времето колонијата самата формира нова зооглеја) или да се откине парче од веќе формирана зооглеја и да се стави во чај.

Габата често кружеше меѓу роднините и пријателите и беше нешто како домашно милениче кое требаше да се мие и да се негува.

„Таа габа во нашиот дом се најде со посредство на мојата чудна тетка, заедно со некаква порака. Сè на сè поентата беше на габата да ѝ се даде име. Во белешката беа наведени имиња. Габата на тетка ми се викаше Боби. Новите слоеви од печурката требаше да се делат меѓу познаниците заедно со порака, пишува корисникот Prostoludinka.

Митови исплетени околу оваа печурка

Оваа напивка стана своевидна советска суперхрана, производ со еден куп корисни својства. Меѓу споменуваните благодати, беа доброто варење, лекување на мамурлакот, зајакнување на имунитетот, помош кај дијабетес, гихт, хемороиди, неврози, ревматизам, ефект на детоксикација, пробиотски, па дури и антиканцерогени својства.

Меѓутоа, во практика немаше ниту една потврда за ваквите изјави. Точно е дека истражувањата на чајната габа навистина се вршеа и дека се добиени охрабрувачки резултати, но треба да се има предвид дека поголемиот дел од нив беа ин витро, односно добиени со клеточни култури или со тестирања правени врз глувци.

Така да кажеме, студиите правени на глувци покажаа дека со редовна употреба на чајната габа се намалува токсичноста на црниот дроб, предизвикана со хемиски супстанции, во некои случаи дури до 70 отсто. Некои истражувања, исто така, открија антимикробни, антиоксидативни, па дури и антиканцерогени дејствија на чајната габа, но на клеточни култури. Испитувањата на глувците заболени од дијабетес докажаа дека користењето на чајната габа го забавува варењето на јаглехидратите и дека доведува до намалување на шеќерот во крвта. Кога станува збор за антиканцерогените својства, во лабораториските истражувања чајната габа навистина помогна да се спречи растењето и ширењето на клетките на ракот, благодарение на високата концентрација полифеноли во чајот и антиоксиданти кои, според мислењето на научниците, ја блокираат мутацијата на генот и растењето на канцерогените клетки.

Но, како сето ова дејствува во човековиот организам и дали има макар половина својства воочени за време на директното нанесување на клетките во лабораториски услови, науката сè уште не знае. Но, затоа се знае кому чајната габа може да му наштети.

Габа која може да убие?

Две жени од Ајова кои два месеци во 1995 година користеле домашна чајна габа тешко се разболеле, а едната од нив дури и починала. Директни докази дека причината за смртта била токму печурката не постојат, но, таа можеби ја одиграла клучната улога, сметаат стручњаците од Одделот за здравствена заштита на државата Ајова.

Постојат и контраиндикации, чајната габа никако не смеат да ја пијат луѓе со оштетени бубрези или со оштетени бели дробови, зашто се изложуваат на ризик од појава на ацидоза, претерана киселост на крвта. Чајната габа оваа киселост несомнено ја зголемува. Покрај тоа, микробите во оваа напивка можат да предизвикаат инфекција кај луѓето со ослабен имунитет.

Александра Разернова, член на Руското здружение на нутриционисти вели: „Би им препорачала на луѓето со зголемена киселост на желудникот да бидат внимателни за време на консумирањето чајна габа. Истото се однесува и на болестите на дигестивниот тракт, а внимателни треба да бидат и бремените и жените кои дојат“.

Повторно популарна

Меѓутоа, полека, не грижете се. Советскиот култ поврзан за печурката во тегла не настанал поради митови и непотврдени хипотези, ами пред сè станува збор за навистина здрава алтернатива на слатките газирани пијалаци и сокови.

Без оглед на тоа што комбухата се храни со шеќер, во финалниот производ неговата содржина е мошне ниска. Чаша пијалак во просек содржи 30 калории и помеѓу 2 и 8 грама шеќер. Освен тоа, пијалакот содржи витамини Б, и како и секој друг ферментиран производ, корисни млечнокисели бактерии.

Меѓутоа, репутацијата на печурката ја разниша и пазарната економија во деведесеттите години од минатиот век и доаѓањето на газираните пијалаци на пазарот. Чајната габа извесно време стана советски анахронизам, а нејзината популарност во Русија е предизвикана од светскиот бум на комбухата (името под кое чајната габа е првенствено позната на Запад), каде се позиционираше како пијалак за приврзаниците на здравиот живот и како велнес-производ. Светскиот бум во продажба на комбуха се случи во 2016 година и изнесуваше 1,06 милијарди американски долари. Оваа година бројките би можеле да достигнат 2,5 милијарди американски долари. Комбухата дури и се суши, се меле и се продава во вид на капсули.

Во Русија денес популарноста на чајната габа не е толку голема (во краен случај таа не може да се спореди со онаа што ја има во светот), но зема замав. На рускојазичниот Интернет-простор се појавуваат сајтови за производство чајна габа во домашни услови (се продаваат и комбуха-боксови) и никнуваат клубови на љубители на оваа напивка, а на рафтовите на неколку трговски синџири може да се најде зооглеја на чајната габа во вакуумирано пакување за подготовка во домашни услови. На Интернет луѓето денес активно ги споделуваат своите искуства во одгледувањето на габата, со посебен осврт на она што би можело да ја убие. „Најважно е да не ја ставате во врела вода зашто веднаш ќе умре“. Или „задолжително процедете го чајот зашто ако листовите чај паднат на габата можна е појава на своевидно воспаление и изумирање на ткивото на тоа место“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња