Температурата на воздухот беше седум степени под нулата, а водата во езерото е нешто потопла, плус четири. Жена во син сарафан преку оделото за нуркање, со цел и со очила се спушта под водата, а по неа нурнува момче. Тие заедно пливаат синхронизирано како русалки, а потоа полека се креваат кон површината кружејќи. Вака изгледаше венчавката на Бајкал на двајцата нуркачи со задршка на воздухот од Иркутск, четириесет и две годишната Наталија Черних и педесетгодишниот Дмитриј Соколов.
Наталија е шампионка во нуркање со задржување на здивот на Иркутската област (2019 година) и Краснојарскиот крај (2020). Дмитриј е повеќекатен првак на Русија во динамичка апнеа (градно) и мајстор на спортот во нуркање со задржување на здивот во 2019 година. Соколов исто така влезе во Книгата на рекорди на Иркутската област кога нурна со задржување на воздухот под мраз сто метри.
Дмитриј и Наталија се запознале во април 2018 година во базен на мастер-клас во подводен риболов. Дмитриј веднаш обрнал внимание на спортската умешност на Наталија. Таа од својата деветта година се занимава со пливање, а потоа преминала на брзо подводно пливање за ориентирање. По мастер-класот ѝ предложил да се обиде во нуркање со задржување на здивот.
„Си помислив што ќе ми е ова. Имам 45 години и дете од седум години на кој му е потребно мое внимание. Зошто би патувала три пати неделно 40 километри на тренинг, од Ангарск во Иркутск. Дмитриј беше упорен, ми се јавуваше неколку пати и на крајот ме наговори макар да го минам основниот курс“, вели Наталија.
Како што рече, таа во принцип сака да проба сè што е ново, па затоа и се согласила. Оттогаш постојано биле заедно и со време почнале да се забавуваат. Дмитриј ја запросил Наталија 2020 година.
„Ми предложи да прошетаме по кејот во Ангарск. Таму се наоѓа едно дизајнерско дрво на кое младенците закачуваат катанци. Под тоа дрво Дима клекна на колена и отвори кутивче со бурма. Јас бев во целосен шок“, открива Наталија. Се венчаа во ноември 2021 година, кога имаа „обична“ свадба, а по еден месец беше подводната што оваа двојка најпрво ја планираше.
Заедно со младенците во длабочините на Бајкалското езеро нурнаа десет нуркачи во сарафани кои образуваа свадбено оро. Според претходно осмисленото сценарио двојката нурна на команда и кружеше во насока на стрелките на часовникот, додека другите нуркачи се движеа во спротивен правец. На нуркачкото одело на Наталија дебело девет милиметри не можеше да се облече фустанот, па нуркаше со сарафан со што слободно се нишаше и со вел.
„На копно тоа изгледа толку смешно, а под вода е прекрасно. Навистина, велот постојано леташе и се губеше во длабочините. Дима мораше да го носи, прицврстувајќи го за маската на мојата глава“; вели Наталија.
Според неа, кај еден дел од гостите летале сукњите, и сите немале здив за долго нуркање, па сè не можело да биде идеално синхронизирано.
По нуркањето дел од групата, пливајќи се упати до легендарната карпа Шамански камен. Двојката замина во парна бања, а пото за гостите кои се вратија беше организирана нуркачка вечера со скара и со торта.
„Општо земено сè беше прилично спонтано. И додека прославата за венчавката на суво ја подготвувавме внимателно, подводната свадба беше нешто како весела проба. Сакавме да ја направиме подводната свадба налето, а не назима. Сепак добро е што го направивме тоа“, рече таа.