Зимска аномалија: Дијамантска прашина ja покри Москва (ФОТО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Во рускиот главен град се појавија „врнежи од ведро небо“, што е ретка атмосферска појава за Централна Русија.

Дијамантска прашина во вид на ситни кристали мраз е забележана во атмосферата на Москва, објави метеоролошкиот центар „Фобос“.

Овој, за руската престолнина редок вид на врнежи од кристали мраз кои како да лебдат во воздухот, се појавува во услови на аномален студ од -20 степени и висока влажност.

Дијамантската прашина обично се формира кога небото е ведро или речиси ведро. Оттука и нејзиното друго име: „врнежи од ведро небо“. Може да се види по светкањето што се гледа кога светлината се прекршува од ледените кристали.

Големиот број на светкави дијаманти во воздухот предизвикува ефект на дијамантска прашина, која често се поврзува со ефекти како што се хало, лажни сонца или светлосни столбови.

Оваа појава е најчеста на Арктикот и Антарктикот, каде што може да се забележи преку 300 дена во годината, а над 70% од врнежите ја имаат токму оваа форма.

Синоптичарите велат дека дијамантската прашина не е опасна за луѓето и дека, за разлика од маглата, речиси и не ја намалува видливоста. Сепак, може да создаде проблеми за автоматските метеоролошки станици на аеродромите при мерењето на видливоста и долната граница на облаците.

Претходно европските метеоролози прогнозираа најстудена зима во Русија во последните 30 години. Се претпоставува дека во одредени услови температурата во Москва може да се спушти и до -50 степени.