Како Русија се обидува да излезе на крај со противниците на вакцинирањето?

Russia Beyond (Photo: Malte Mueller/Getty Images)
На антиваксерите им е понудено да ги посетат „црвените зони“ на КОВИД-одделенијата на големите болници, најавено е покренување кривична постапка против нив, им се покажани цели кутии со податоци за заболените... Некои од овие обиди да се долови потребата од вакцинација на нејзините противници прераснаа во вистински скандал.

Во ходникот на една болница десетици новинари опкружуваат еден човек во карирана кошула со фантомка на главата додека полицијата го следи до излезот.

„Однапред беше огласен ставот дека ние влегуваме (во црвената зона – заб. ред.) без средства за лична заштита, а тие нè принудуваат да облечеме заштитен комбинезон!“, се жали блогерот Сергеј Митјушин кој целиот настан го снимаше со камера.

Вака во Русија започна првата екскурзија на противниците на вакцинирањето низ одделението за инфицирани со коронавирус.

На месинџерот Телеграм и на други социјални мрежи постојат десетина групи и канали на руски јазик во кои се собираат антиваксери, и во секоја група се пријавени десетици илјади луѓе. Против вакцинација отворено агитираат и определени руски политичари и претставници на шоу-бизнисот кои на социјалните мрежи имаат стотици илјади следбеници. Во текот на 2021 година во Москва, во Екатеринбург и во други градови во Русија беа организирани митинзи против принудната вакцинација и против Кју-Ар кодовите за вакцинираните или за оние кои го имаат прележано коронавирусот.

Според податоците на Серускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ), 27% од испитаниците во Русија сметаат дека јавните настапи против вакцинирањето можат да го изложат на опасност животот и здравјето на граѓаните, и дека во РФ има околу 15% противници на вакцинирањето. Лекарите сега организираат екскурзија низ „црвената зона“ со цел антиваксерите со сопствени очи да видат каква е состојбата и да престанат со ширење дезинформации за коронавирусот.

Вистината и маски против заверата и пеницилинот

На 24 ноември 2021 година лекарите од 11 руски болници објавија отворено писмо во кое ги повикаа противниците на вакцинирањето и меѓу нив конкретни определени политичари, општествени активисти и естрадни уметници да ги посетат црвените зони во болниците и со свои очи да ги видат пациентите кои имаат КОВИД-19. Поголемиот број повикани медиумски лица го одбија повикот со образложение дека тие веќе „сето тоа го имаат видено“ и дека се противат на непроверените вакцини против коронавирусот и воведувањето Кју-Ар кодови.

На крајот за екскурзијата во московската клиничка болница број 15 „О.М. Филатов“ се пријавија десетина блогери на Инстаграм. Меѓу нив се и Марија Степанова, чија мајка почина од коронавирусот во болницата „Комунарка“, Сергеј Митјушин кој смета дека на вакцинацијата се инсистира со цел фармацевтската индустрија да оствари профит, и Антон Тарасов кој верува дека коронавирусот не постои, и дека пациентите во болниците се здобиле со изгореници на белите дробови по наводно распрскување на отров во атмосферата.

Сите тие пред да влезат во црвената зона одбија да облечат заштитни костими, маски и ракавици, велејќи им на лекарите дека за време на пријавувањето за екскурзијата им било ветено дека ќе ги пуштат без заштитни средства. Исто така одбија да потпишат задолжителна согласност за посета на одделенијата каде лежат тешко болни со коронавирус. Само Тарасов за секој случај зеде со себе хлохексидин и антисептик, сметајќи дека тоа е сосема доволно. На крајот сите правила ги испочтиуваа само Степанова и Митјушин, и тие ја посетија црвената зона. Не го променија својот став за вакцинирањето.

„По посетата на црвената зона им го кажав на лекарите своето мислење <...> дека сево ова ќе заврши кога вам (на лекарите) ќе престанат да ви плаќаат пари на име КОВИД од буџетот на даночните обврзници и кога ќе се укинат вакцините. Тогаш и КОВИД-от веднаш ќе исчезне“, напиша Митјушин на Инстаграм.

Степанова изјави дека сите пациенти кои им биле претставени биле свежо избричени и со дотерани фризури, и дека личеле на ангажирани глумци. Таа смета дека во црвената зона има многу малку болни, така што според неа пандемијата и не постои.

Од друга страна, главниот лекар на болницата Валериј Вечорко изјави дека лекарите не успеале да воспостават комуникација со антиваксерите, дека тие се смееле и биле дрски со пациентите, а згора на тоа предлагале болните да се лечат со пеницилин.

„Бевме на интензивна нега, видовме пациенти на механички респиратори и на ЕСМО апарати (вештачки бели дробови). Тогаш имавме две големи операции и им покажавме како работат нашите хирурзи... Тие (антиваксерите – заб. ред.) воопшто не сакаат да ја дознаат вистината“, изјави Вечорко.

Статистиката против антиваксерските потписи

Државата и со помош на статистиката се обидува да ги убеди антиваксерите за потребата од вакцинација. На законодавното собрание на Ростовската област на 26 ноември, кога се расправаше за нацрт-законот за воведување Кју-Ар-кодови на јавните места и во градскиот сообраќај во овој регион, пратеникот на Комунистичката партија на РФ Ирина Пољакова донесе кутија со 5.118 потписи против усвојување на овој закон во Државната дума. Потписите беа собрани во Ростов за три дена, пишува 161.RU.

Патници на станицата „Цветној буљвар“ во Московското метро.

„Треба да го слушнеме мислењето на граѓаните <...> Јас не сум против вакцинација, јас сум за разбирлива и паметна кампања во корист на вакцинацијата“; рече Пољакова.

Претседателот на парламентот и член на партијата „Единствена Русија“ Александар Ишченко замоли да се донесат трите кутии со податоци за смртта на сите жители од овој регион за изминатава една и пол година, колку што трае пандемијата.

„Овие луѓе (починатите – заб. ред.) повеќе не можат да ја потпишат петицијата. Мислам дека меѓу нив тешко дека ќе се најдеше барем еден што би ја потпишал вашата петиција <...> Очигледно е дека овие мерки [на ограничување] ги имаат подготвено стручњаци. Тие на многумина нема да им се допаднат зашто по нешто ги ограничуваат правата на граѓаните“, изјави Ишченко.

На крајот пратениците го поддржаа нацрт-законот.

Блокада на дезинформациите и закана за отпочнување кривична постапка

Здравствен работник прима пациент на одделението на привремената болница за КОВИД-19 во конгресно-изложбениот центар Сокољники. Оваа здравствена установа има резернва болница и надзорен центар и капацитет од 550 кревети, вклучувајќи 18 места за пациенти од интензивна нега. Април 2021 година.

Друг метод е блокадата на дезинформации за коронавирусот на Интернет и потрагата по учесниците во антиваксерските кампањи.

Така, на барање на Федералната инспекција во сферата на комуникациите, информациските технологии и медиумите „Роскомнадзор“ од почетокот на 2021 година од рускојазичниот Интернет отстранети се 3.500 страници со дезинформации за болеста КОВИД-19.

Покрај тоа, Федералната здравствена инспекција „Росздравнадзор“ им наложи на регионите да ги пронајдат учесниците во кампањите против вакцинацијата и да ги соопштат нивните податоци на обвинителството и на истражните органи. Замолено беше особено внимание да се посвети на медицинските работници „кои активно шират очигледни дезинформации за штетата од вакцинацијата од новата коронавирусна инфекција“.

За еден месец во обвинителството се предадени податоци за 37 граѓани кои на социјалните мрежи се занимавале со агитација против вакцинацијата.

Медицински работници кои работат во „црвената зона“ на привремената здравствена установа за пациенти заболени од КОВИД-19 во Московската градска клиничка болница број 15 (болницата Филатов).

„Ние ги изнесувавме фактите кога луѓето активно им наметнуваа на другите став дека не треба да се вакцинираат, а обвинителството ќе ги оцени овие постапки од правна страна“, објасни Ирина Бачкова, раководител на Росздравнадзор за Волгоградската област.

Противниците на вакцинирањето ќе се товарат по членот 207.1 и членот 207.2 од Кривичниот закон на РФ. Првиот член подразбира казна за јавно ширење очигледни дезинформации во околности кои можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните, а станува збор за парична казна во износ од 300.000 до 700.000 рубли или казна затвор до три години. Доколку дезинформацијата предизвика нечија смрт или други тешки последици, на виновникот може да му биде изречена парична казна од 1.5 до 2 милиони рубли или најмногу пет години затвор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња