Десет факти за манулите, најгневните диви мачки во Русија

Начин на живеење
АНА СОРОКИНА
Иако оваа разиграна мачка со густо крзно и со прониклив поглед едноставно мами да ја погалите, не правете го тоа. Таа апсолутно не поднесува луѓе. И за тоа има свои причини.

1. Сака самотија

Кога мачките би биле на социјалните мрежи, на манулите би им одговарал статусот „тешко се наоѓа, лесно се губи и никогаш не се заборава“. Манул или Паласова мачка (името го има добиено по германскиот научник Петер Палас кој ја открил на брегот на Каспиското море во 18 век) е главен интроверт меѓу грабливците. Тешко е да се најде. Живее главно во пустите степи на Забајкалот и во делот на Монголија што се граничи со овој регион. Оваа мачка, исто така, може да се сретне во некои делови од средна Азија.

Живее во горделива осаменост на својата територија, а тоа е околу четири квадратни метри, додека со другите мачки овој вид се меша само за време на парењето во март. Оваа мачка е мошне ретка, се наоѓа на Црвената листа на Русија и неколку други земји. Иако на Земјата се има појавено пред најмалку пет милиони години за неа се знае многу малку. Точниот број е мошне тешко да се пресмета, токму поради таа скриеност. Во Русија има останато околу три илјади примероци, додека во Монголија, според мислењето на стручњаците, ги има повеќе.

2. Мошне е компактен

Обичната домашна мачка е потешка дури и од дивиот манул. Нивното младенче е мошне ситно, тешко е помалку од сто грама, а возрасниот манул (се смета дека тоа е во осмиот месец од животот) постигнува тежина од три до пет килограми. Според големината, исто така, не ги надминува мачките, должина од 60 сантиметри, плус 30 сантиметри опашката. Инаку, латинскиот назив Otocolobus manul значи „грдо уво“, иако со нивните уши е сè во ред.

3. Мачка со најгусто крзно на светот

Токму поради своето раскошно крзно, најгусто кај мачките, манулот се доживува како многу покрупен одошто всушност е. На секој квадратен сантиметар од кожата доаѓаат до 9.000 влакна должина до седум сантиметри. Толку густо крзно им овозможува да преживеат во суровите услови.

4. Назима тежи двојно повеќе одошто налето

За манулот е од животна важност да добива на тежина во текот на есента. Стручњаците велат дека така се „тови“. Во степите во кои тие живеат зимите се мошне сурови. Не само што температурата се спушта до педесет степени под нулата, ами дува и страшен ветар. А, манулите не знаат за зимски сон, тие постојано одат во лов. Така што единствен начин да преживее назима е да натрупа сало. Манулот назима тежи шест до седум килограми и повеќе трча во потрага по храна.

5. Добар ловец

Поради големото крзно манулот е прилично бавен и несмасен, а покрај тоа има и кратки шепи кои паѓаат во снегот. Воопшто земено Паласовата мачка тешко да се нарече грациозна. Сепак, не е лош ловец. Во степата многу добро се камуфлира благодарение на бојата, и во состојба е во еден скок да ја стаса жртвата. Тоа изгледа отприлика вака.

6. Зениците како на лав

Иако по величината не се издвојува, кај своите собраќа има најмаркантен изглед. Домашните мачки имаат вертикални зеници, а манулот тркалезни како кај покрупните грабливци-спринтери како што се лавовите и тигрите. Притоа манулот како домашната мачка лови од заседа, но не нозете на стопанот, ами ситни глодари и еребици. Доколку од жртвата има останато пристојно живеалиште, манулот може да го запоседне. Секако дека може самиот да си направи „куќа“, ама зошто би го правел тоа?

7. Каде живее?

Освен дупките на јазовците и на другите глодари манулот живее и во пукнатините на камењата. Меѓутоа, понекогаш за живеалиште избираат и сосема непредвидливи места. Вработените во Даурскиот природен резерват во Забајкалје (главен ареал на манулот во Русија) имаат пронајдени две женки на манул, кои се населиле во напуштени комбајни во поле зараснато со коров. Налето жителите на едно село во Бурјатија нашле три тукушто родени манули во слама во близина на една стара куќа. Што ја натерало мајката да избере вакво гнездо никогаш не се дозна.

8. Не сака луѓе

Манулите живеат толку изолирано што во природата речиси и да немаат непријатели, освен... човекот. Причината за намалувањето на нивниот број не е само дивиот лов, ами и цивилизацијата и човековата активност. Се случува да се отрујат од глувци кои живееле на земјиште третирани со земјоделски хемиски препарати. Затоа манулот бега од човекот и ретко се појавува пред него, па дури и во зоолошката градина не излегува од своето живеалиште.

9. Никогаш домашно милениче

Невозможно е да се припитоми манул, иако постојат случаи кога луѓе ги одгледувале. Така жителите на едно село во Бурјатија, додека ги чекале зоолозите, трите младенчиња од манул не само што ги хранеле со храна за мачки, ами и ги избањале. Како што излегло, тие се согласиле да се бањаат, само што бесно шиштеле и го изразувале своето незадоволство на сите начини. Денес овие младенчиња се под надзор на стручњаци во одгледувачницата за ретки животни при Московската зоолошка градина.

„Манулите воопшто не поднесуваат да ги земете во рака“, открива Ирина Алексеевна од Московската зоолошка градина.

Се случувало вработените во Даурскиот природен резерват да најдат младенчиња и да ги одгледуваат. Кога ќе пораснат тие ќе заминат во степата, заборавајќи на своите родители-луѓе.

10. Сите манули во зоолошките градини се роднини

Во зоолошките градини во целиот свет има сè на сè 150 манули и речиси сите се роднини. Голем придонес кон проучувањето на однесувањето на овие диви мачки имаат дадени зоолозите од Московската и од Новосибирската зоолошка градина. Првиот манул се има појавено во Москва уште во 1949 година, а денес се официјален симбол на зоолошката градина и на неговиот центар за репродукција на ретки животни. Манули коишто се родени во Новосибирск живеат во Цирих, во Познањ и во Талин.