Како изгледа „Обичен ден во Русија”, главната секција на порталот Reddit за животот во Русија

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Мечки-сообраќајци на руските патишта, снежни навеви високи колку двокатници и пластична кутија на главата место маска - тоа се само некои од нештата што можете да ги видите на најпопуларната секција на Reddit за Русија.

Есен е, камионот си оди по патот, возачот слуша руска поп-песна од 90-тите. Одеднаш една мечка му го попречува патот. Таа се приближува до кабината кон возачот, се крева на задните нозе и бара слатки.

„Здраво сообраќаецу, немам пари! Плаќање само со картичка, сакаш ли картичка? – подготвено вели возачот и ја храни мечката со леб и бисквити. Потоа се поздравува со необичниот сообраќаен полицаец, му вели „Се гледаме утре, другар“ и си продолжува натаму.

Ова видео со наслов „UBear Eats in Russia“ е типична објава на сабредитот A Normal day in Russia со 1,2 милиони следбеници.

Сабредитот е направен уште во далечната 2003 година, но неговиот автор не се занимаваше со него, туку неговото уредување го презеде модератор од Стокхолм под името ExperimentalFailures. Пред тоа, тој веќе ја модерираше секцијата A Normal Day In Arabia. Тој сакаше категоријата „A Normal Day” (Нормален ден) да биде посветена на културните специфики на жителите на различни земји и да помогне во воспоставувањето добри односи меѓу нив преку духовити објави.

„Немав ништо поголем интерес или страст за Русија од просечниот човек. Почнав да се занимавам со овој сабредит и други нему слични, бидејќи не ми се допаѓаше претставата на западните луѓе за другите култури. Пред тоа, Русите ги гледав само во улогите на негативци во акционите филмови и сакав да го разбијам тој стереотип“, објаснува модераторот.

Корисниците на сабредитот самите ја сугерираат содржината, а модераторот одлучува дали ќе ја објави или не. Секцијата има неколку строги правила поставени од Experimental Failures. На пример, не може да се пишува за политика, да се пропагира омраза кон Русите или жителите на Заедницата на независни држави, да се објавува шокантна содржина со насилство, да се пишуваат навреди во коментари или да се користи фотошоп во објавите.

„Да, нашиот редит се заснова на стереотипи, но позитивни. Важно е тие стереотипи да не ги исмеваат Русите, туку да зборуваат за необичностите на секојдневниот живот во Русија. „Ако луѓето можат да дознаат нешто за Русија преку смешни објави, тогаш тоа е нешто што вреди, што сакам да го поддржам“, вели ExperimentalFailures.

Покрај главниот модератор, секцијата ја уредуваат тројца руски корисници: Hewman_bot од Германија, TXGreatRide од САД и al24042 од Франција. Според ExperimentalFailures, некои од нив, живеејќи во странски земји, и самите наидувале на стереотипи за Русите. Затоа и тие се заинтересирани подобро да ги претстават реалниот живот во Русија.

Првично секцијата ја читаа само корисници кои зборуваат англиски, но во последните неколку години, содржината на A Normal Day in Russia почна да ја привлекува и руската публика.

„Ни самите не знаеме од каде се појавија. Но, Русите детално ги опишуваат новостите и во коментарите зборуваат за нивното искуство од живото во Русија, кога тоа е соодветно. Тие ги исправаат погрешните претстави и нудат руско гледиште, така што играат значајна улога во нашата заедница“, вели ExperimentalFailures.

Главниот модератор лично најмногу ги сака објавите во кои Русите повеќе се смеат. На пример, неговата омилена објава е едноставно видео со бабички во руската провинција под снег, како си играат и ја канат својата другарка да се маваат со снежни топки.

„Кога се запознавате со културата на друга земја, сфаќате дека таа е многу поинтересна отколку што сте мислеле и дека луѓето не се толку различни. Ние ги гледаме луѓето и нивниот секојдневен живот во Русија и тоа е многу почовечко од она што ни се прикажува во филмовите и западните медиуми“, заклучува ExperimentalFailures.