Како згрижени деца спасија едно сибирско село од исчезнување

Ruptly
Бројот на жители на селото го зголемија згрижувачките семејства. Кога децата пораснаа, некои од нив исто така станаа згрижувачи и почнаа да воспитуваат деца од сиропиталишта, давајќи им подобра иднина и истовремено чувајќи го своето село од исчезнување.

Пред дваесетина години, далечното село Бархатово во Кемеровската област (јужен Сибир) почна брзо да исчезнува. Во селото немаше ниту работа, ниту забава, дури и телефонските врски беа слаби. Сето тоа предизвика младите масовно да го напуштаат селото и да се селат во поголемите градови. Некаде во тоа време некои жители на селото решија во своите семејства да примат деца од сиропиталишта. Со текот на времето, згрижувањето стана популарно. И тогаш, за време на пописот есента 2021 година, се покажа дека во Бархатово живеат 126 згрижени деца. Додека вкупното население на селото е само 247 жители!

Три сопствени деца и 20 згрижени

Во 2001 година, ќерка ми и јас слушнавме за регионалната кампања „Најди ме, мамо!“ на телевизија, вели Татјана Фадјушина за локалниот весник. Ќерка ми предложи: „Мамо, ајде да земеме едно дете?“ Таа вечер му реков на мојот сопруг кога се врати од работа: „Ајде да земеме едно?“

Во тоа време, Татјана веќе има одгледано три свои деца кои веќе пораснаа. Таа ја виде катастрофалната демографска состојба во селото, кое речиси немаше деца и брзо се намалуваше.

Првото дете во семејството беше 11-месечната Саша. Потоа дојде Андреј, кој имаше две години. Кога Татјана по трет пат го посети домот за деца без родители за да прими уште едно дете, нејзината сосетка Лидија Бондарева реши да оди со неа. Подоцна се приклучија и други соседи. Лидија на крајот донесе дома четири деца од домот за деца без родители, а Нина Краснова 20. За тоа време Татјана спаси неверојатни 20 деца да не живеат во сиропиталиште и им обезбеди дом!

За да ги сместат сите овие деца, жителите на Бархатово ги преуредија и доградија своите куќи и практично го реновираа целото село.

„Згрижените деца ни помогнаа да го одржиме семејството“, изјави Елена Стародумнова за рускиот „Прв канал“ во 2008 година.

„Немаше работа, немавме каде да се иселиме, моравме да ги одгледуваме нашите две деца. А сега работиме како згрижувачи“.

Во нејзиното семејство имало 21 згрижено дете. Кемеровската област им плаќа на родителите 3000 - 4000 рубли месечно (околу 50 долари) за секое дете. За Бархатово тоа се големи пари. Елена и нејзиниот сопруг успеаја да ја реновираат куќата и да направат доволно голема кујна за целото семејство, како и да им купат компјутери на децата.

Сите деца им помагаат на возрасните во домашните работи и во градината (тука нема продавница, па семејствата сами си одгледуваат овошје и зеленчук). Во меѓувреме, регионалниот дом за деца без родители беше затворен, бидејќи сите деца беа сместени во семејства.

Децата станаа родители

Некои од првите згрижувачи веќе се починати, но некои од нивните деца како возрасни ја продолжуваат традицијата и исто така се занимаваат со згрижување.

Синот на Татјана, Сергеј, сега има 32 години. Тој и неговата сопруга ја воспитуваат својата биолошка ќерка и уште девет деца од домот за сираци. Сергеј вели дека сите деца ги викаат мамо и тато, иако никој не ги принудува на тоа. Тој смета дека е најважно да се најде посебен пристап кон секое дете одделно, и тогаш во семејството ќе владее мир.

„Сега е јасно дека селото е сè уште живо“, вели Сергеј. „Каде што има деца, има и живот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња