Како во близина на руски индустриски град се појави локален „Дизниленд“? (ФОТО)

Начин на живеење
ЕЛЕОНОРА ГОЛДМАН
Локален бизнисмен го претвори предградието на малиот руски индустриски град Сатка во огромен тематски парк кој потсетува на Дизниленд. И сето тоа во чест на неговата внука!

Можете ли да замислите мал индустриски град далеку од Москва, длабоко во внатрешноста на Урал? Веројатно звучи депресивно... Но, еден локален бизнисмен реши да ги надмине вообичаените предрасуди и да изгради вистински Дизниленд, заедно со пиратски брод, витешки замок, водени тобогани, ликови од бајките и редица други интересни работи. Забавниот парк „Соњкина лагуна“ е едно од најпознатите места во регионот кое привлекува возрасни и деца од цел Урал.

Овој парк се наоѓа во предградието на Сатка (околу 180 километри од Челјабинск). Градот е основан кон средината на 18 век околу железарницата, а денес тука се наоѓа центарот на производството на магнезит. Со население од 40000 луѓе спаѓа во помалите градови со една доминантна дејност во Русија. Затоа е изненадувачки што токму овде се појави огромен забавен парк.

Забавниот парк го изгради локалниот претприемач Јуриј Китов и му даде име по својата внука Соња. Самиот ја смисли и дизајнираше лагуната, па дури напиша и духовити натписи кои можете да ги видите низ целиот парк. Наскоро сé повеќе туристи почнаа да го посетуваат ова прекрасно место.

„Немам видено ништо слично на Урал“, напиша една посетителка. „Бев пријатно изненадена од извонредната атмосфера. Јасно е дека местото е направено со душа и квалитет. Би сакал да им се заблагодарам на креаторите на еден ваков добар проект. Ги воодушевувате не само децата, туку и возрасните“.

Соњкината лагуна е голем комплекс кој се состои од забавен парк, бројни активности на вода и остров уреден како средновековна тврдина до која се стигнува со бротче. Островот има и необично име: „Орлова дупка“.

Копнениот дел од паркот може да се пофали со песочна плажа со забави на вода, зона за скара (што е омилена активност на многу Руси) и ресторан со прекрасен поглед на околината.

Има и камен замок, светлосни фонтани, бунгалови, ветерница, пиратско пристаниште, подвижен мост и дрвена црква.

Секако, ќе најдете и разни лулашки, вртелешки и рингишпили за деца и возрасни. Ако детето сака, може да влезе во минијатурна реплика на подморница и да „пука“ од нејзините топови.

На островчето „Орлова дупка“ слободно се шетаат голем број домашни животни, меѓу кои кокошки, куни, зајаци, кози и минијатурни свињи. Туристите можат да ги хранат и галат животните кои се расположени за дружење. „На овој остров се чувствувате како да сте во компјутерска игра“, запиша една посетителка.

За возрасните тука се пловечката руска „бања“ (парна бања), скара и зајдисонцето на Урал. Можете дури и да преноќите и да резервирате соба во замокот. Сè во собите е стилизирано до најмал детал во согласност со историската епоха.