
Reuters
Замислете дрвена колиба во која температурата е околу 100℃. Целото семејство седи внатре додека кожата не им добие светло црвена боја. Потоа еден по друг се шибаат со метла од брезови гранки, па истрчуваат надвор и скокаат во снегот. Оваа луда сцена е всушност нешто многу вообичаено за Русите. Бања во полн сјај!

Getty Images
Руската бања не е ниту како екстремно загреаната и влажна турска бања, ниту како екстремно сувата финска сауна. Тоа е нешто помеѓу, загреан простор со прилично влажен воздух во кој доаѓа до интензивно потење.
Reuters
Бањата обично била колиба со две простории: едната за пресоблекување, а другата за капење и парење. Луѓето однапред ја подготвувале бањата, загревајќи ја со печка на дрва. Во исто време, печката во бањата се користела за загревање на водата во ведра или цевки.
Reuters
По потењето во парната соба луѓето се миеле со сапун од катран и потоа се полевале со топла вода. Понекогаш децата се капеле во мали кади, а возрасните повторно ја користеле таа вода. Обично жените и децата ја користеле бањата пред мажите, додека сé уште не била премногу загреана.
Getty Images
Првите бањи, кои биле посебни објекти, се загревале на „црн“ начин. Имено, печката во таквите бањи немала оџак и затоа чадот излегувал внатре во просторијата. Тогаш луѓето ја отворале вратата, го пуштале чадот да излезе и влегувале внатре. Сите sидови биле покриени со слој црни саѓи. Потоа се појавиле „белите“ бањи кои имале оџаци.
Getty Images
Бањата уште од старо време била суштинска работа за рускиот начин на живот. И не се работело само за капење и миење, тоа бил вистински ритуал. Селаните оделе в бања еднаш неделно, првенствено во сабота. Таму се капеле по работната недела и истовремено се подготвувале за одење в црква в недела.
Reuters
Метлите од брезови или дабови гранки се подготвувале однапред. Тие биле важен дел од бањскиот инвентар. Не се користеле само за шибање (што било еден вид интензивна масажа, а не казна), туку нивното присуство му давало на бањата специфичен освежителен мирис, додека мавтањето со метла пред печката ги засилувало пареата и топлината.
Reuters
Најважната личност во јавната парна бања е таканаречениот „баншчик“. Тој се грижи за сите процедури во бањата, обезбедува силна пареа и е мајстор за „масажа“ со брезова метла. На луѓето им помага и при миењето и ги полева со вода.
Reuters
Многу Руси кои живеат на село или имаат викендички обично градат мала дрвена колиба како нивна бања. Оние кои немаат можност за таков луксуз како што е сопствена бања, одат во јавни бањи, кои се наоѓаат во секој руски град.
Фред Гринберг / Sputnik
Во секој руски град можете да најдете бројни бањи. Во Санкт Петербург се наоѓаа познатата Егоровска и Козачка бања, четирикатен комплекс што на крајот на 19 век го отворил богатиот трговец Ефим Егоров. Тоа било екстремно луксузно место со богато декориран ентериер. Посетата на ваква бања не била евтина, но во понудата имало неколку можности за посетителите од секоја класа. Богатите гости имале одделни соблекувални и бањи.
Најпознатата јавна бања во Москва е Сандуновската или Сандуни. Изгледа прекрасно и повеќе потсетува на дворец отколку на бања.
Владимир Вjaткин / Sputnik
Во советско време, посетата на бањата и понатаму беше нешто посебно. За време на викендот се формираа редици пред многуте јавни бањи. А изборот и купувањето добра метла од брезови гранчиња пред одењето в бања беше вистински ритуал.
Reuters
Меѓутоа, главната смисла на одењето в бања во меѓувреме се изгуби. Повеќето жители на градовите имаа проточна вода и бањи во своите станови. Сепак, бањата и понатаму беше место за дружење и луѓето повеќе време поминуваа во холот, пиејќи чај или пиво со закуска и разговор, отколку во самата парна соба.
Пиењето алкохол во бања е многу штетно по здравјето, бидејќи високата температура го оптоварува кардиоваскуларниот систем. Сепак, бањата сè уште важеше за еден вид кафеана и многумина ја користеа како изговор да побегнат од дома и да се опуштат со пијалок.
Элдар Рjaзанов, Мосфиљм, 1975.
Еден од најпознатите советски филмови, „Иронија на судбината“, ја овековечи идејата за посета на бања како за пијанка. Главниот лик оди в бања со своите пријатели за да се „среди“ пред новогодишната ноќ... И се буди во друг град!
Бушухин Валерий, Недеря Олег / TASS
Инаку, жените и мажите секогаш се „бањале“ одделно. Во некои бањи постоеле посебни простории за жени, додека во други за нив биле резервирани специјални денови. Многу малите деца доаѓале со своите мајки, додека постарите момчиња одеа в бања со татковците.
Getty Images
Денес луѓето ја третираат бањата како еден вид сауна и ја ценат поради поволното влијание врз здравјето и изгледот. Кожата станува помека, човек се чувствува препороден, а некои веруваат дека бањата им помага да останат во форма, па дури и да изгубат некое кило!