Како ќе ти мине една година во руската армија

Начин на живеење
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Кога би бил регрутиран во руската армија, би дознал што е тоа „гумена“ среда, „пешкир“ четврток и уште многу работи во текот на една цела година.

Во Русија покрај служењето во армија по договор, сè уште постои задолжителен воен рок и регрутација. Во војска одат сите млади по осумнаесеттата година или по завршувањето на школувањето. Сега воениот рок трае една година (претходно траеше две). Многумина се плашат да служат војска поради страв од суровите услови за живот и малтретирањето од страна на постарите војници. Некои го споредуваат задолжителниот воен рок со „затворска казна“ и сметаат дека тоа е изгубена година од животот.

Секако, многу работи зависат од воената единица во која е распореден регрутот. Но, како и да излезе, најдобро поминуваат оние што имаат „смисла за хумор“ и се трудат некако да ја искористат таа година, па дури и да почувствуваат задоволство од служењето воен рок и од војничкиот живот.

Еве што те чека и како да го преживееш тоа.

„Командирски“ понеделник

Почетокот на работната недела во армијата е секогаш бурен и полн со настани. Утрото започнува со станување во 6 часот со крикот на командирот: „Станувај, војско!“ и со напорно трчање. Сите во чопор излегуваат надвор и со песна трчаат неколку километри, и зиме и лете.

Понеделник е ден кога командирите посебно ве „дриблаат“ за по викендот да се вратите во суровата реалност. Тогаш „дриблањето“ доаѓа до крајни граници и секоја „кривина“ се казнува со вонредно распоредување на најлошата работа.

Овој ден е најдобро да го минете некаде на стража или на стрелиште, колку што е можно подалеку од очите на офицерите, зашто според некоја несфатлива воена логика токму на овој ден пониските офицери им демонстрираат на повисоките офицери како можат да ги „стројат“ војниците и да им командуваат.

Доколку си останал во касарната и не си ниту на стрелање, ниту на стража, тогаш ќе го минеш денот, марширајќи на полигонот со извиците на командирот, или ќе работиш некоја тешка и валкана работа.

„Пушкарење“ во вторник

Во вторник сите одат на стрелање. Во првите месеци ова е една од најомилените активности. За волја на вистината, пред крајот на воениот рок веќе станува здодевно.

Тука 90 проценти од времето некој ќе те учи да пукаш и да ракуваш со автомат АК-12 и со пиштол „Јаригин“. Напоредно со стрелањето се вежба и безбедно ракување со оружје и техника на борбени дејствија во определени ситуации.

„Гумена“ среда

Во среда важи паролата „А, што ако избувне војна!“. Овој ден ќе вежбате тактичко-технички дејствија во касарната и во шума, и тоа во заштитни ВБХ одела.

Комплетот на заштитната ВБХ опрема се состои од гумен дуксер со панталони со трегери и гас-маска. Тој се користеше за време на отстранувањето на последиците во Чернобилската нуклеарна електрана во серијата на Ејџ-Би-Оу „Чернобил“. Во овој воен комбинезон е мошне топло и задушливо. Оделото е замислено за спасување на луѓето од радијација по нуклеарен напад или по напад со биолошко оружје.

Во првиот дел од денот ќе учиш како се облака ова одело, а во вториот дел од денот во него ќе трчаш и ќе вежбаш воено-технички дејствија на терен.

„Пешкир“ четврток

Четврток е медицинско-санитарен ден кога лекарите мораат детално да ги прегледаат сите војници во единицата.

Прегледот се извршува во касарната додека сите војници стојат во гаќи или без нив и лекарот му приоѓа секому мошне блиску. Оттука и називот. Прегледот е задолжителен. Лекарот треба да провери дали војникот на телото има траги од тепање, од насилство или од болест што не ги пријавил.

По претпладневниот преглед одите во бања. Тоа е исто така задолжително. Таму ќе ве избањаат, сакале вие или не.

„Петок“

Петок е ден кога стасува наредба „за пуштање на викенд“. Овој ден во неделата најмногу се чека зашто може да се случи да те пуштат во град на неколку дена и да ти дозволат да поминеш ден со семејството.

Секој војник со нетрпение го чека петокот, зашто до ручек стасува извештајот за претходната недела. Во извештајот пишува што си правел на дежурство, кои работи си ги извршувал, какви грешки си направил итн. Најдобрите и најснаодливите војници добиваат викенд и излез во град. Другите остануваат во касарната и се грижат за татковината во текот на викендот и ги извршуваат сите домашни работи.

„Мокра“ сабота

Сите кои останале во единиците и не заминале во град со девојката или со семејството, ја чистат касарната и кругот околу неа.

Во текот на претпладневните часови сè функционира според принципот „никогаш не е доволно пена“. Буквално пливате во пена со вода која се лее по касарната, за потоа да се исчисти до сјај.

Велат дека не треба да се зема храна од земја, но руската армија е единственото место во светот каде колбасот на подот е почист одошто во раце.

Во сабота се согледува што е тоа вистинска чистотија и луѓето почнуваат да го почитуваат трудот на родителите кои постојано го чистат станот.

„Слободна“ недела

Недела е ден кога можеш малку повеќе да поспиеш. Малку повеќе, значи дека ќе минеш во креветот дополнителни 30 минути. Ова е воедно и единствениот ден кога ќе ти биде дозволено да не трчаш во рани зори.

Во недела можеш да се занимаваш со своја работа, да се шеташ, да тренираш во фискултурната сала или надвор на справи, да се сретнеш со роднините кои се дојдени да те посетат, да читаш, па дури и да отспиеш во текот на денот.

Ова спиење преку ден се доживува како посебен луксуз зашто во војска официјално се предвидени 6-8 часови за спиење, иако во практика е секогаш помалку. Поради тоа секој војник се труди да спие кога ќе има можност за тоа.