Невестата, висока девојка со костенлива коса во класична венчаница од најпрестижниот моден салон во Хјустон, со звукот на песната на Дејвид Боуви „Absolute Beginners“ влегува во сала со околу 200 гости и му се насмевнува на младоженецот на екранот кој се наоѓа на 402 километри над неа, во вселената. Таа самата себеси си ја стави бурмата и му испраќа воздушни бакнежи. Тој го прави истото.
Ова се случи на 10 август 2003 година, кога Екатерина Дмитриева, државјанка на САД со руско потекло, преку сателитска видеоврска во штабот на НАСА се омажи за рускиот космонаут Јуриј Маленченко. Тој притоа се наоѓа во Меѓународната вселенска станица, во својата стандардна униформа на која ѝ додаде само машна-пеперутка.
Првата свадба во вселената во историјата до денес е и единствена од овој вид. Последиците од неа се покажаа години подоцна.
Мошне незгодна ситуација
59-годишниот Јуриј Маленченко во текот на својата кариера има изведено пет летови во вселената и минал во орбитата вкупно над две години. Тој е втор на ранг-листата космонаути според времето поминато во вселената: 827 дена и 9 часа. Носител е на звањето Херој на Русија, највисоко одликување во земјата. Но, светска популарност му донесе вселенската свадба.
Имаше 41 година кога во Хјустон на забава во чест на годишнината од првиот лет во вселената се запозна со 27-годишната Екатерина. Таа заедно со своите родители емигрирала од СССР во Соединетите Американски Држави кога имала 4 години. Мајка ѝ работела во НАСА како стручњак за програми во орбитата, а татко ѝ предавал на еден универзитет во Тексас. Во тоа време Јуриј се наоѓал во Хјустон на обука како командант на екипажот пред својот трети лет. Четири месеци пред летот ја побарал Екатерина за жена.
Свадбата беше планирана за август, кога Јуриј требаше да се врати на Земјата, но престојот во вселената му беше продолжен до крајот на октомври. Тој тоа го дозна во орбитата. Меѓутоа не доаѓаше предвид да се одложи венчавката. Професијата на Јуриј е опасна, пред доаѓањето можеше сè да се случи, згора на тоа што за помалку од шест месеци претходно шатлот „Колумбија“ доживеа трагедија (сите 7 членови на екипажот загинаа 16 минути пред слетувањето на Земјата).
Сепак, ова објаснување не ја задоволи руската страна. Реакцијата на „Роскосмос“ и на рускиот Центар за контрола на летот (ЦУП) беше остра. „За жал, Јура нè стави во мошне незгодна ситуација. Тој за ова воопшто не нè предупреди. Додека неговата невеста бараше дозвола од власта и официјално се обрати до НАСА, Јуриј не го направи тоа. Ништо не ни рече пред летот, ами се јави од орбитата и нè стави пред свршен чин“, рече тогаш прес-секретарот на „Росавиокосмос“ Сергеј Горбунов.
„Ние не му забранивме да го направи тоа, но тој треба да се однесува како космонаут, а не како филмска ѕвезда“, рече командантот на Воздухопловните сили на Русија генерал-полковник Владимир Михајлов. Како аргумент беше наведено дека активен руски офицер, кој има пристап до државните тајни, најпрво треба да добие дозвола за брак со државјанка од друга земја, а тоа мора да го направи само на Земја.
Но, Јуриј Маленченко имаше поинакво мислење.
Младоженец од картон
Вљубената двојка ја доби поддршката од раководството на НАСА. Според законите на државата Тексас регистрација на бракот е можна и доколку младоженецот од оправдани причини не може да присуствува на церемонијата. Беше дозволено венчавката да се одржи во Центарот за контрола на летови во Хјустон.
Поради тоа на денот на венчавката беше организиран видеолинк со Меѓународната вселенска станица, кој официјално беше класифициран како приватна семејна конференција и не беше пренесуван јавно преку телевизијата на НАСА. Претходно на Меѓународната вселенска станица со товарниот вселенски брод „Прогрес“ беше испорачана машна-пеперутка и бурма каква што имаше и Екатерина. Тоа беше прстен од злато со скапоцени камења кои ги претставуваат планетите, Сонцето и Меѓународната вселенска станица.
Целата церемонија траеше 25 минути. „Околу една третина од гостите зборуваа на руски“, рече еден од присутните. Наместо Маленченко документите ги потпиша неговиот овластен адвокат. Американскиот астронаут Едвард Лу, втор учесник во експедицијата на Меѓународната вселенска станица, беше негов сведок. Тој на синтисајзер го отсвири „Свадбениот марш“ на Менделсон, што според мислењето на организаторката на вселенската свадба Џоана Вудвард беше „мошне симпатично“.
„Колку што Јуриј беше подалеку, ми беше поблизок поради комуникацијата што ја имаме“, рече тој ден за „Њујорк тајмс“ Екатерина Дмитриевна.
По церемонијата Екатерина со гостите замина во италијанскиот ресторан „Вила Капри“ во Клир Лејк недалеку од Хјустон, каде ги очекуваше... картонска копија на Маленченко во полна величина.
Тој ден рускиот Центар за контрола на летот повеќе не контактираше со младоженецот, сметајќи дека свадбата е негова лична работа и дека во таа насока не можат да се користат државните ресурси. „Ниту прес-конференција, ниту огномет по тој повод нема да организираме“, изјави Сергеј Горбунов.
Повеќе нема да има свадби во орбитата
Јуриј Маленченко се врати на Земјата два месеци подоцна, а на аеродромот го пречека Екатерина. Таа се беше преселила во Русија, но не се откажа од американското државјанство. Во јуни следната година тие имаа и венчавка во една мала црква во Јарослављ, град северно од Москва. Во 2006 година им се роди ќерката Камила.
Многумина експерти тогаш предвидуваа крај на кариерата на Маленченко, зашто постапи спротивно од ставот на раководството, но оттогаш имаше заминато уште двапати на Меѓународната вселенска станица: во 2007 и во 2012 година.
Сепак, вселенската свадба имаше свои последици. По неа во договорите што ги потпишуваа космонаутите постоеше точка за забрана на свадбени церемонии во орбитата.
Сепак, најголемата последица од свадбата Маленченко ја доживеа во 2019 година. Тогаш веќе беше во резервниот состав на Вооружените сили и беше на административна должност во Центарот за обука на космонаути. Тогаш му беше ускратено унапредувањето на местото прв заменик-началник на Центарот. Според податоците од доброинформирани извори, тоа се случило поради сопругата Американка. Кандидатурата на Маленченко не ја поддржа службата за безбедност на „Роскосмос“, зашто должноста прв заменик подразбира пристап до доверливи информации.