Мнозинството граѓани на Русија смета дека финансиска независност може да се обезбеди со заработка од најмалку 74900 рубли месечно, соопштува РБК повикувајќи се на истражување на осигурителното друштво „Сбербанк страхование жизни“.
Аналитичарите дојдоа до заклучок дека во финансиски независни луѓе можат да се вбројуваат оние кои сами себе се издржуваат (64%), кои имаат сопствен стан (55%), стабилна заработка која ги покрива сите потреби (49%), кои многу патуваат (32%), им помагаат на своите најблиски (24%) и имаат пасивни приходи од инвестиции (15%).
Треба да се истакне дека 82% од испитаниците сметаат дека добра плата е главниот показател на финансиската независност. Се покажа дека во поглед на платата најизискувачки се московјаните (104400 рубли), потоа петербуржаните (98500) и жителите на Владивосток (92700).
Начините на остварување приход се разликуваат во зависност од возраста. На пример, претставниците на групата на возраст од 18 до 30 години најчесто сакаат да имаат сопствена фирма (50%) и приход од издавање недвижнини (42%), додека испитаниците меѓу 30 и 40 години првенствено се потпираат на заштедата (43%), а постарите генерации (од 50 до 60 години) на платата (89%).
Русите сметаат дека заштедата е важен услов за финансиска независност (33%). И тука на прво место се московјаните, на кои во просек им треба заштеда од 6,39 милиони рубли. Потоа следуваат Кемерово (4,2 милиони) и Санкт Петербург (4,12 милиони), додека просечната сума на ниво на целата земја изнесува 3,4 милиони рубли.
Меѓу жителите на големите и средните градови, 63% се изјаснија дека се финансиски независни. Повеќето од нив живеат во Новосибирск, Хабаровск и Владивосток.
Анкетата на примерок беше спроведена во јуни минатата година во 37 градови со над 500000 жители.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче