Погледнете ги овие фотографии. Едната е од Мурманск, а другите се од Москва и од Владивосток. Иако овие градови се меѓусебно оддалечени илјадници километри, нивните станбени реони кои се подигнати во советско време изгледаат сосема исто. А, можете да ги најдете во секој руски град и ширум поранешниот Советски Сојуз. Но, зошто е Русија преполна со овие панелни блокови?
Само најнеопходното!
Во текот на минатиот век руските градови претрпеа огромни промени. Стотици години поголемиот број жители на земјата живееја во селата. Но, со бранот индустријализација од триесеттите години на минатиот век и по Втората светска војна, градската популација е повеќекратно зголемена. Во 1917 година само 17% од жителите живееле во градовите, а во 1950 година веќе половина од населението. Оваа брза урбанизација бараше најбрзи методи на изградба. Советскиот Сојуз почна да експериментира со техники на масовна изградба што доведе до стандардните панелни згради кои изгледаат речиси идентично и ги имаат исполнето станбените населби од Калининград до Владивосток.
Всушност, панелната изградба не е советски изум и е користена во Германија, во Холандија и во Франција пред Втората светска војна. Меѓутоа, Советите го усовршија овој метод.
Во 1954 година новиот водач на Советскиот Сојуз Никита Хрушчов остро го критикуваше постојниот начин на изградба, нарекувајќи го премногу скап, особено кога станува збор за прочуениот „сталински“ ампир. На следниот конгрес на Комунистичката партија беше побарано во следните 20 години да се заврши недостигот од станови. Секое семејство требаше да добие свој стан и тоа, секако, сосема бесплатно.
Сите ресурси беа насочени кон изградба на нови станбени згради кои се нарекуваа „хрушчовки“. Архитектите проектираа десетина различни верзии на вакви згради, но најчесто имаа четири ката без лифт и станови со мали кујнички.
Некои беа изградени од тули, но најраспространет материјал беа панелите од армиран бетон. Во многу градови беа отворени фабрики за производство на вакви панели, што во голема мера ги намали трошоците за логистика. Изградбата на една зграда траеше само две недели и за помалку од 10 години секое четврто семејство доби сопствен стан. Замислете само колку беа воодушевени луѓето кога ги напуштаа бараките или заедничките станови во кои дотогаш живееја!
Експериментални панелни згради
Меѓу типичните панелни градби постоеја и неколку експериментални згради кои од различни причини никогаш не влегоа во масовно производство. Во Санкт Петербург сè уште можат да се видат таканаречените „протохрушовки“ од 1955 година. Тие имаат поголеми кујни и повисоки плафони и требаше да преминат во масовна изградба, но Хрушчов процени дека се премногу скапи. Затоа подоцна станбените блокови беа значителни поскромни.
Во градот Улан-Уде, престолнината на Бурјатија, можете да видите панелни згради украсени со национални орнаменти.
Во градовите во делот на вечниот снег и мраз сите згради се подигнати на столбови, со цел греењето од зградите да не го топи замрзнатото тло. Во северните градови зградите се обоени во весели бои.
Унапредени верзии на „хрушчовките“
До крајот на шеесеттите години од минатиот век на смена на панелните „хрушчовки“ дојдоа „брежњевките“, наречени по наследникот на Хрушчов Леонид Брежњев. Дотогаш техничкиот развој веќе овозможи евтина изградба на осумкатници, единаесеткатници и петенаесеткатници со лифтови, цевки за смет и поголеми станови.
Технологијата беше евтина, направена за безбедни и долготрајни згради. За кратко време ваквите панелни градби почнаа да никнуваат во новите населби во Москва, Санкт Петербург и во другите градови, па сите станбени населби личеа една на друга. Во 1986 година Михаил Горбачов вети дека до 2000 година секое семејство ќе има свој стан, но по распадот на СССР, епохата на државна изградба заврши.
Сепак, три четвртини од жителите во градовите во Русија живеат во висококатници од кои многумина се од советската епоха. Современите урбанисти велат дека ваквите типично еднолични станбени блокови кај луѓето предизвикуваат депресивно расположение и имаат негативно влијание на психата.
Какви згради се градат денес во Русија?
Денес во големите градови се нудат голем број различни опции за живеење, вклучувајќи убави згради со подземни паркинзи и со живописни фасади. Но, поголемиот дел од нив се премногу скапи за просечно руско семејство.
Станбените населби со подостапни станови и понатаму се градат од панели или се со комбинирана панелно-монолитна технологија. Овие типични станбени блокови и понатаму се најекономичниот начин за изградба за државата која се обидува да го реши проблемот со живеалиште за милион семејства. Нивната лоша страна е во тоа што така настануваат депресивни градски предградија ширум земјата.
Денес во предградијата се подигаат џиновски блокови со микростанови, кои во Русија се нарекуваат „человјеники“ (мравјалници за луѓе). Тие, секако, изгледаат модерно, но концентрацијата на станари во нив всушност е многу поголема одошто во обичните висококатници. Во еден таков станбен комплекс може да има неколку ИЛЈАДИ станови, додека во „хрушчовките“ помалку од сто.