Старицата Агафја Ликова, која 30 години живее сама во сибирската тајга, се пресели во нова куќа

Завршена е дрвената колиба што се градеше од декември минатата година! За да се скрати времето на изградба на местото, првин далеку од местото каде што живее „робинзонката“ Агафја беше целосно изградена колибата, а потоа демонтирана. Потоа, со три автомобили и трактор, материјалот беше пренесен до реката на 250 километри од местото каде што живее Агафја. Дури тогаш со ховеркрафт-чамци беа испратени првите партии на градилиштето. За префрлање на целата куќа беа потребни преку 20 такви возења!

Старицата Агафја Ликова, последниот жив член на семејството староверци кое живее во сибирската тајга изолирано од 1937 година, се пресели во нова куќа на просторот на резерватот Хакаски, изградена со финансиска поддршка на рускиот бизнисмен Олег Дерипаска.

Директорот на резерватот Виктор Непомњашчи претходно изјави за новинската агенција ТАСС дека Ликова со писмо му се обратила на Олег Дерипаска и го замолила за помош околу изградбата на нова куќа, бидејќи старата колиба била во многу лоша состојба. Според неговиот претставник, Дерипаска се согласил да помогне. Изградбата на куќата започна во декември и заврши на почетокот на март.

„Агафја Ликова денес се всели во новата куќа што ја финансираше Олег Дерипаска. Куќата ја освети митрополитот Московски и на цела Русија Корнелиј, епископ на Руската старообредна православна црква. Неговата посета на Хакасија на молба на Агафја Карповна исто така ја помогна Олег Владимирович (Дерипаска)“, рече претставникот на Дерипаска.

Како што наведе тој, изградбата на дрвената куќа се одвивала во фази, така што најпрвин била составена во Абакан, каде биле нумерирани трупците, а потоа била демонтирана и доставена во делови до местото каде што живее Агафја. Воопшто не било лесно да се изгради куќа од 30 квадратни метри, бидејќи во таа област е забранета сеча на шумите. Градежниот материјал на оддалеченост од 250 километри беше доставен по речен пат во повеќе од 20 наврати. Во куќата веќе се донесени мебел и предмети за домаќинството.

Агафија Ликова е единствениот преостанат член на семејството староверци од Западен Сибир кое стана познато 1978 година по сензационалното откритие на руските геолози кои на свое изненадување го забележаа домаќинството од хеликоптер.

Таа живее во тајгата претежно сама, а оние што сакаат да ѝ помогнат повремено доаѓаат и остануваат некое време со неа.

Ликови во тајгата во Сибир живеат во изолација од 1937 година. Водејќи осаменички живот тие се трудеа да се заштитат од влијанието на надворешното опкружување, особено во однос на верата. Кога ги открија археолозите, тие беа петмина во семејството. Глава на семејството е Карп Ликов, синовите Савин и Димитриј и ќерките Наталија и Агафја. Во 1981 година починаа три деца, а 1988 година татко на Ликови. Просторот на кој живеат стана дел од резерватот во мај 2001 година.

Иако на Агафја повеќе пати ѝ нудеа да се пресели да живее некаде во цивилизацијата, на пример во Москва, бидејќи таа е веќе во поодминати години, таа одлучно одбиваше.

„Ајде Агафја Карповна да те преселиме во Москва во нашиот центар. Ќе ти дадеме соба, таму ќе се молиш, велам јас, а таа одговара: Не доаѓа предвид, не одам никаде. И други ми предлагаа. Татко ми ми зборуваше да не одам никаде од тука, затоа што ако одам, ќе умрам“, потсети епископот Корнелиј. Тој додаде дека таа размислува правилно. „Ќе умре од безработица, бидејќи цел живот вредно работела околу козите, градината, мачките, печурките... Таа е постојано во движење“, рече тој.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња