„Странец сум и ја примив вакцината Спутник V во Русија“

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА, ВИКТОРИЈА РЈАБИКОВА
Официјално руската вакцина против КОВИД не им е достапна на странските државјани кои се наоѓаат во Русија. Но, дефакто сега може да ја прими секој странец. Разговаравме со оние кои тоа го сториле.

Масовната вакцинација против КОВИД-19 во Русија започна во јануари 2021 година. Тоа значи дека сите оние што се постари од 18 години ќе можат да се вакцинираат, без разлика на тоа со што се занимаваат. Се очекува за една година да бидат вакцинирани 60% од населението.

Во исто време, кон крајот на јануари, директорката на Федералната инспекција за заштита на правата на потрошувачите и за доброто на човекот „Роспотребнадзор“ Ана Попова изјави дека странците кои живеат во Русија нема да ја добијат вакцината. „Денес наша најважна задача е да опфатиме максимален број руски државјани кои живеат во Руската Федерација <...> Сепак мора да постојат приоритети, ние ги утврдивме на ниво на државата и со нив се раководиме“, рече таа.

Сепак, во практика и странците можат да ја добијат руската вакцина Спутник V. Дури не е неопходно ни да живеат во Русија.

Бесплатна вакцина и сладолед

Главната стоковна куќа во земјата ГУМ на Црвениот плоштад, петок е, околу пет часот попладне. По трговскиот центар се поставени известувања за вакцинацијата, а преку звучник исто така периодично може да се слушне информација за оваа можност.

Кон средината на јануари во сите вести беше соопштено дека на тоа место руската вакцина може да се прими без закажување и бесплатно. За време на вакцинацијата на подарок се добива и сладолед од стоковната, исто така бесплатно.

„Од изутрина, од 10 до 12 часот, се прават редици, а навечер нема речиси никој“, велат вработените во пунктот за вакцинација. Пунктот се наоѓа во еден од продажните простори. Тука има мала стаклена врата, двајца луѓе на регистрација, осветлен хол, лежалка и закачалка за облека. Процесот трае неколку минути: човекот ја пополнува анкетата, остава контактни податоци и заминува во амбулантата на лекарот. Од документи се потребни само лична карта и полиса ОМС (бесплатно државно осигурување. Ако човекот нема ОМС, доволна е лична карта или пасош од која било земја.

Николас Илин, родум од Франција, дошол во ГУМ на вакцинација, при што имал само странски пасош: „Не чекав во редица и само тројца имаше пред мене. Во собата не видов други странци“.

„Не се изненадија што живеам надвор од Русија и ништо не рекоа за странците. Лекарот го прегледа писмениот прашалник што го пополнив, ме праша зошто носам стап и ми удри печат. Сите беа љубезни, пријателски расположени, а просториите беа беспрекорно чисти“.

„По вакцинацијата добив потврда со печат и сладолед за подарок. И со оглед на тоа дека на Фејсбук со гордост го објавив својот потфат, неколку пријатели од странство ме прашаа дали може да се прими Спутник V во Русија и како функционира тоа. Им реков дека е просто како грав и дека лично тоа го направив за да избегнам месеци чекање додека да дојдам на ред во местото во кое живеам во Франкфурт на Мајна“.

Луиџи Минари стасал во Москва од Италија на 13 февруари врз основа на приватна виза. Исто така наминал во ГУМ, им го покажал својот италијански пасош и по кусата анкета за состојбата со здравјето ја добил вакцината. „Следниот пат ми е закажано на 13 март. Досега моето искуство е мошне позитивно. Иако живеам во Италија и имам можност да изберам друга вакцина, ја избрав Спутник зашто оваа вакцина е правена со користење на старите истражувања за други вакцини и е целосно безбедна. Така што ризикот од несаканите појави или од други проблеми не е голем. Освен тоа: вашата технологија е (барем за мене) побезбедна одошто кај другите вакцини зашто не влијае директно на РНК. По првата доза немав никакви последици и добро се чувствувам“.

Но, постојат и извесни детали: кога вакцината ќе се прими на овој начин, не добивате QR-код неопходен за меѓународни патувања.

„Ноќе се разбудив со висока температура“

„Ако мислите дека можете да одите до ГУМ и да примите вакцина и мислите дека ќе добиете потврда за меѓународни патувања, знајте дека тоа е невозможно зашто официјално не постоите во системот и само поликлиниките имаат пристап до електронскиот регистар на Министерството за здравство“ вели бизнисменот Џошуа Леви кој поседува британски пасош.

За да одите во руска државна поликлиника, мора да имате полиса ОМС, а за да ја добиете неа мора да имате работна виза или престој во Русија.

„Исто така, за меѓународни патувања ви е потребно да добиете заверен превод на англиски и печат од Министерството за правда. Тоа ретко кој го знае“, вели Џошуа кој се вакцинирал во поликлиника.

„Јас сум еден од ретките странци кои имаат добиено QR-вакцина. Знам дека официјално ништо за ова не е објавено, но ова е Русија и тука сè е можно. Во првата недела на декември наминав во локалната поликлиника и побарав да ми дадат вакцина зашто сум наставник по англиски јазик и работам со мали деца, така што автоматски имам право на тоа. На шалтерот ме испратија во кабинетот на лекарот на консултација“, се сеќава тој.

Лекарот ми постави прашања за болестите кои неодамна ги имам прележано, за проблемите со дишните патишта и за алергии. „Одговорив дека немам ништо од тоа. Потоа ми закажаа датум за примање на првата доза“.

Вакцинацијата се спроведува во групи од по 5 луѓе, со оглед на тоа дека секој флакон има по 5 дози кои мора да се потрошат веднаш по отворањето. „Затоа таму веќе имаше четворица кога дојдов. Вакцината ја примив во рамото. Не беше болно. Неколку минути и готово. Патем речено, претходно веќе имав прележано КОВИД“.

„Вакцината почнува да дејствува 12-14 часа подоцна. Ноќта се разбудив со висока температура, но тоа го очекував. Веднаш зедов парацетамол и температурата почна да паѓа. Во текот на денот имав симптоми слични на КОВИД: главно измореност, голема слабост, болки во телото и недостиг од енергија. Меѓутоа, следниот ден симптомите исчезнаа и животот се врати во нормала“.

По три недели Џошуа ја примил втората доза на вакцината, која во организмот вбризгува друг вектор за предизвикување имун одговор: „Лично кај мене реакцијата на втората доза беше посилна одошто на првата. Симптомите беа исти, но во голема мера поинтензивни. Сепак, третиот ден сè се смири и се вратив на нормалниот живот“.

„Некои луѓе во Русија велат дека по вакцинацијата два месеци не треба да се пие алкохол“.

Демијан Реми од Франција исто така ја примил вакцината во државна поликлиника. „Многу размислував за вакцинацијата. Со оглед на тоа дека тука работам како учител и дека имам проблеми со имунитетот бев мошне загрижен да не се инфицирам. Поголемиот број часови од март 2020 година ги држев на Интернет, но тоа е мошне незгодно, а освен тоа не е најдобро за учениците“.

„Затоа го прашав таткото на еден мој ученик кој е лекар и тој ми рече да дојдам во неговата клиника. Отидов кај виролог кој ме прегледа, побара да направам некои анализи, а кога резултатите беа готови, ми закажа вакцинација. Се обидов и самиот да закажам, но морав или многу долго да чекам или ми бараа премногу документи кои тогаш ги немав“, вели Демијан.

Во поликлиниката на руски љубезно ми објаснија што ќе се случува и кои формулари треба да ги пополнам. „Чекав многу кратко, иако имаше 5-6 луѓе кои чекаа со мене“.

По првата доза Демијан во текот на 24 часа имал покачена температура и чувствувал голем замор, но потоа сè поминало. По втората доза ефектот бил сличен, но многу послаб. Во текот на еден и пол месец тој исто така не пиел алкохол. „Некои луѓе во Русија велат дека 2 месеци не треба да се пие алкохол, а други тврдат дека треба да се избегнува 2 дена пред и 2 дена по вакцинацијата. Не знаев точно кога ќе примам вакцина, па околу еден и пол месец не консумирав алкохол“.

„Некои луѓе во Франција всушност ми завидуваат, зашто таму ова трае многу долго, а сè уште се под бројни рестрикции. Освен тоа, се плашат да не се заразат“.