Русите кои клечат се поопасни отколку што изгледаат

Начин на живеење
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Кога ќе видите Руси во „Адидас“ тренерки како клечат, знајте дека тоа се многу опасни ликови. Или барем би сакале да бидат такви.

По тоа клечење може да се открие дури и странски шпион, затоа што тој сигурно не ги почитува „правилата за клечење“:

Во Советска Русија беше лесно да се препознае човек кој одлежал затворска казна, бидејќи тој можеше да клечи долго време. Тоа го научил во затвор.

Правилата на советските затвори беа такви што на затворениците им беше дозволено да седат или да лежат на своите кревети само ноќе. Дење мораа да стојат или да седат на подот. Тоа правило датира од царско време, кога во затворот „Крести“, на пример, затворениците станувале наутро и немале време за одмор до вечерта, за да не спијат преку ден. Денес таквите строги правила се применуваат само за оние кои издржуваат казна строг затвор.

Камените затворски подови беа неподносливо студени, а покрај тоа, во круговите на руските робијаши се сметаше за непристојно и понижувачко да се седи на подот. Личната хигиена во затворот отсекогаш се доживуваше како нешто исклучително важно. Затоа робијашите почнаа да клечат. Фактички, тоа беше единственото нешто што можеа да го прават, бидејќи немаше клупи ни во затворските дворови, каде што дневно имаа половина час слободно време.

Така клечењето прејде во навика. По излегувањето од затвор бившите робијаши се истакнуваа по тоа што можеа да клечат долго време. Со текот на времето таа „вештина“ стана популарна во криминализираните кругови на советската младина.

Немаше клупи ниту на оние места каде што деликвентите можеа да се собираат за тепачка, или просто да пијат и пушат. Тие места се викаа „зад гаражата“, „кај топловодот“ итн. Тоа беше дополнителна причина и младите хулигани да се навикнат на клечење.

Во својот есеј „Телесни техники“, францускиот етнограф и социолог Марсел Мос пишува дека „човештвото може да се подели на оние кои клечат и оние кои за седење користат некои помагала “. „Детето често клечи, а ние тоа повеќе не можеме да го правиме“, вели Мос, имплицирајќи дека клечењето е знак за понизок степен на развој на општеството. И навистина, во затворените машки заедници брзо се воспоставува примитивна хиерархија и најверојатно клечењето е една од нејзините карактеристики.

Клечењето беше исто така многу популарно во азиските култури. Кога двајца или повеќе луѓе разговараат, а нема столчиња или клупи, многумина Азијци ќе клекнат и потоа го продолжуваат разговорот на тој начин.

Колку долго можете да клечете? Луѓето кои се искусни во тоа можат да клечат цела вечност - нема да им отрпнат нозете, ниту ќе чувствуваат болка. Лекарите велат дека клечењето како древна поза е навистина корисно ако се користи редовно. Корисно е за колената, за цревната перисталтика, за циркулацијата на крвта итн. Можеби затоа руската мафија е толку опасна?