На 28 декември 2020 година 45 мажи од различни краишта на земјата со рибарска опрема в раце излегоа на мразот на Котовското вештачко езеро во Тамбовската област (428 километри од Москва). На секои неколку метри можеше да се видат како од мразот стрчат рачни дупчалки, а под секоја непропустлива качулка ѕиркаа носови црвени од студот. Никој тука не користи потхранување ниту живи мамки, што е денес забрането, а за пристоен улов се сметаат само гргечи и штуките со должина преку 32 сантиметри.
Artyom Geodakyan / TASS
„Најпрвин треба да издупчите дупка во мразот, а потоа да ја привлечете рибата со движења во водата“, го коментира рускиот натпревар во зимски риболов дописникот на ТВ-каналот „Вести.Тамбовˮ. Инаку, овој натпревар се одржува секоја година во различни региони на Русија.
Тоа е важен настан за руските спортски риболовци. Но, луѓето некогаш, како и сега, рибареле на мраз и без какви било натпреварувања, само за свој ќеф.
„Татко ми Валентин Козлов неколку пати годишни од 60-те до 1995 година (преку 30 години) зиме заминуваше да рибари на северот на Русија. Понекогаш ме водеше со него. Сé што ќе донесевме оттаму солевме и сушевме. Му се радувавме на секој улов, и на мал и на голем. Тоа меше мојот омилен семеен обичај“, се сеќава Олга од Подмосковје.
Според неа, секој зимски риболов бил добар повод да се испие нешто жестоко во текот или после риболовот. Било изискувачки да се поминат од 5 до 7 часа на мраз, дури и во топла облека.
Многумина страсни риболовци го наследиле ова хоби од татковците, вели 74-годишниот московјанин и долгогодишен рибар Јуриј Мосолов.
„Кај мене сé почна пред 69 години. Родителите за летниот распуст ме водеа кај дедо и баба на село на Волга, а таму сите се рибари. Од прво одделение почнаа да ме водат со нив на зимски риболов. Така човек сакал-не сакал исто така станува рибарˮ, вели Мосолов.
Legion Media
Во Русија не постојат сериозни ограничувања за лов на риба, со исклучок на местата наменети за одгледување риба за продажба. Затоа секоја година на мразот излегуваат рибарите во сите краишта на Русија каде што за тоа постојат услови.
Вака изгледа фестивал на риболов на мраз во Владивосток.
Legion Media
Рибарење во Ивановската област.
Legion Media
Многумина рибари седат со јадичка од изгрејсонце до зајдисонце.
За рибарот Артјом Воровин од Калининградската област зимскиот риболов е важен извор на адреналин.
„Риболов на мамка подразбира игра и бирање. За сето тоа е потребен талент. Човек добива наплив на адреналин. Освен тоа, го сакам белиот снег, чистиот студен воздух, вистинскиот однос со природата. Тоа е најважно, сето останато е споредноˮ, смета Воровин.
Рускиот писател Василиј Авченко во книгата „Кристал во проѕирна рамка. Приказни за водата и камењата“, вака ја опишува љубовта спрема риболовот на мраз:
„Таа (љубовта спрема риболовот) манифестира скриена, но цврста поврзаност со нешто огромно и не сосем сфатливо: природа? Вселена? Бог? Онаа поврзаност која мене, градско дете, долго беше несфатлива. Сега точно знам што е тоа. Рибарењето е речиси единствената работа која мене, кој живее од илузии и конвенции, ме поврзува со Стварноста“.