Русин во својот двор далеку од морето направи комплетен едреник во оригинална големина (ФОТО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Пред да се досели во селото Купино во Белгородската област Валериј Кику живееше на Крим. Толку му недостигаше погледот на морето што направи цел брод кој, за жал, никогаш нема да плови.

Во својот двор Кику подигна едреник кој во Европа се користел од 16 до 18 век, познат како галеон.

Кику го нарече бродот „Златна срна“ според галеонот на англискиот истражувач сер Френсис Дрејк.

Иако оваа имитација на брод всушност не може да плови и се наоѓа цврсто на земја и во дворот на Кику, таа многу потсетува на познатиот едреник.

„Моите пријатели и јас сонувавме да имаме брод кога живеевме покрај морската база на Крим“, рече Валериј Кику во интервју за Ruptly.

Сонот од детството не се остварил веднаш. Кику се пресели, изгради куќа и доби деца. Додека му растеа децата, како хоби правеше макети на бродови.

„Кога сакав да изградам работилница, поради некоја причина сакав таа да изгледа како брод. Како пример за проектот го зедов „Златна срна“, вели Кику.

Овој вешт мајстор одлучи да го изгради моделот во оригиналната големина.

Неговите соседи на почеток гледаа на проектот со сомнеж. Кику беше цел на критики затоа што трошеше пари на нешто што другите го сметаа за бескорисно.

„Ама веќе изградив куќа, финансиски им помагам на децата. Изградбата на галеонот е моето хоби“, им одговара Кику на оние кои не можат да сфатат зошто некој би градел брод во својот двор далеку од морето.

Кику ја претвори својата градба во „Музеј на гусарење“ и денес тој го привлекува вниманието на бројни посетители.