Бизнисменот од Прага со руско потекло Андреј Константинов за чешкиот весник Hospodarske Noviny раскажа за плановите за Европејците да се организираат патувања во Москва под називот Sputnik trip во чест на првата во светот регистрирана вакцина против коринавирус - Sputnik V.
Туристот наводно добива покана од руска клиника за вакцинација, потоа прави тест за Ковид и купува авионски билет за Москва. По пристигањето ја добива првата вакцина „Спутник V“, престојува во Москва уште три недели, ја добива втората вакцина, се проверува дали има антитела и патува дома.
Во интервју за руската радиостаница Business FM чешкиот бизнисмен изјави дека турата почнува во ноември 2020, по завршувањето на третата фаза клинички тестирања на вакцината. Тој исто така додаде дека за овие патувања веќе се пријавиле неколку стотици луѓе.
Од московската клиника АД „Медицина“ која се споменува како место каде што ќе се вакцинираат туристите од Европа велат дека не се упатени во оваа приказна.
„Првпат слушам и ние не сме на никој начин поврзани со вакцинирање. Ние ги немаме тие вакцини. Се занимаваме со медицински туризам, но тоа се целосно поинакви видови терапија: радионуклидна терапија, некои можности поврзани со онколошки заболувања, ние постојано имаме пациенти од различни земји. Но за Ковид не стана ниту збор. Вакцинацијата не се претвора во туризам и ние не планираме да се занимаваме со тоа“, рече директорот на клиниката АД „Медицина“ академик Григориј Ројтберг.
Комерцијална вакцинација во Русија е неизводлива, изјави и помошникот на рускиот министер за здравство Алексеј Кузнецов.
„Тоа е најобична измама. Комерцијална вакцинација, па уште и за туристи, е неизводлива. Вакцинацијата веќе се спроведува и таа е бесплатна. Апсолутен приоритет имаат државјаните на Русија“, објасни Кузнецов.