Како во Русија функционира јавниот превоз на минус педесет?

Начин на живеење
АНА СОРОКИНА
Животот во северните руски градови не запира ни за секунда ни при екстремно ниски температури. Притоа многу жители повеќе сакаат да го користат јавниот сообраќај отколку своите возила.

Острите зими и силните виулици се вообичаена појава на руското Заполарје. Во Јакутск, Норилск и Воркута веќе кон средината на октомври доаѓа зимата, а возачите веднаш ги менуваат своите автомобили за градскиот превоз. Користењето лично превозно средство претставува мошне голем трошок. Како функционираат градските автобуси во такви временски услови?

Станици со греење

Во Јакутск, најголемиот град на вечно замрзнатата почва, со преку триста илјади жители, вообичаената зимска температура изнесува меѓу 45 и 50 степени под нулата. Јакутск е познат по големиот број автобуски линии и станици. Многу се наоѓаат на оддалеченост од само 200 метри една од друга. Интервалите меѓу доаѓањето на возилата се кратки, а патувањето од периферијата до центарот трае најдолго половина час. Движењето на вашиот автобус може да се следи и онлајн.

Во градот постојат триесетина станици што се греат. Се работи за покриени павилјони со прозорци, седишта, греење, монитори со информации и камери за видеонадзор на кои можат да се видат автобусите што доаѓаат.

На некои станици има и интернет, штекери за полнење уреди, но и банкомати и автомати за кафе.

Слични станици со греење има во Омск, Сургут, Норилск. За да не отиде цел градски буџет на одржување, дел од просторот се издава под наем на приватни претприемачи, така што на многу станици има и аптеки и цвеќарници.  

Во Кемерово автобуските станици се отворени, но со вградено инфрацрвено греење кое се вклучува автоматски кога температурата ќе падне под пет степени.

Изолација од сите страни

Според важечките прописи, температурата во јавниот сообраќај зиме не смее да биде пониска од десет степени ако е надвор под 25 и не може да биде помала од пет степени ако е надвор -40.

Во Јакутск во автобусите зиме се вградуваат дупли стакла за да нема никакво дување. Освен тоа, таквите стакла не се замаглуваат и не се покриваат со мраз, а станицата убаво може да се види низ нив.  

За непречено функционирање на автобусите се вградува системот за загревање на моторот Webasto, а ноќе моторите се завиткуваат со ќебиња за да не се оладат. Треба да се каже дека возилата на градскиот сообраќај како гориво првенствено користат природен гас метан, а не бензин.

Во новите автобуси греењето е одлично решено, а опремени се и со подно греење, а старите минибуси сé уште имаат теписи.

На мраз

Зиме во многу северни градови во Русија се појавуваат ледени премини (на Јамал, Камчатка, Чукотка), а паралелно и „зимски јавен сообраќај“, чамци на воздушни перничиња кои ги превезуваат луѓето од едниот на другиот брег на замрзнатите реки. Тие работат сé до доцна пролет, кога мразот почнува да се топи. Во просек овие пловила можат да превезат десет луѓе и багаж.