На меѓународниот московски аеродром „Шереметјевоˮ кинолозите на руската авиокомпанија „Аерофлотˮ започнаа тренинг на 15 специјални кучиња од расата шалајка (мешавина од ненецка лајка, шакал и фокстериер). Тие ќе бидат обучени по мирисот да ги препознаваат заразените од коронавирус. Ова на 2 октомври 2020 година го соопшти потпретседателот на владата на Русија Татјана Голикова.
Kirill Kallinikov / Sputnik
„Имаме план и рокови, на тоа работат нашите водечки институти, до денес веќе се издвоени потребните биолошки примероци како на носители, така и на доброволци, за да можат кучињата да вежбаат. Се наоѓаме некаде на сретпат, користиме различен биолошки материјалˮ, рече Голикова.
Mikhail Japaridze / TASS
Голикова објасни дека некои од избраните кучиња умеат по мирисот да издвојат човек со експлозив, како и со онколошки заболувања.
Kirill Kallinikov / Sputnik
„Скратувањето на времето на пронаоѓање заболени од коронавирус во општата популација, на аеродром, во авион пред излегување и нивно брзо одвојување е она што ќе го намали ризикот за останатите луѓе кои се наоѓаат тука“, додаде Ана Попова, раководител на Федералната агенција „Роспотребнадзорˮ.
Kirill Kallinikov / Sputnik
Стандардниот тренинг трае половина час, по што шалајката треба да одмора најмалку еден час. Во текот на тренингот кучињата се запознаваат со новиот мирис, потоа од нив се бара да го пронајдат меѓу материјалите од здравите донори и да го покажат со помош на глас или поза, објаснува во репортажата новинарот на рускиот ТВ-канал „Русија 1ˮ.
Kirill Kallinikov / Sputnik
Сé уште не се соопштува како крзнените заштитници во пракса ќе ги „душкаат“ луѓето на аеродром.
„Прашањето како ќе изгледа тоа во пракса сé уште го разгледуваме со нашите партнери. Можеби ќе ги користиме маските од лицата на патниците или примерок од плунката, со чија помош кучето ќе може да издвои носител на инфекцијата“, објасни генералниот директор на руската авиокомпанија „Аерофлотˮ Виталиј Савељев.
Kirill Kallinikov / Sputnik
Обуката на кучињата на аеродромот „Шереметјевоˮ ќе биде завршена во декември 2020 година. Се претпоставува дека кучињата ќе почнат да ги издвојуваат заболените од јануари 2021 година.