Хабиб подготвен за реванш со Конор Мекгрегор во наредната година

Михаил Мецељ/TASS
Во својот прв разговор со новинарите по смртта на татко му, Хабиб кажа што мисли за Џастин Гејџи и Жорж Сен Пјер, за својата подготвеност за реванш со Конор во октагонот и за борба против Мејведер, како и за својата евентуална политичка иднина во родниот Дагестан.

Рускиот шампион на UFC во лесна категорија Хабиб Нурмагомедов изјави дека е подготвен за реванш со Конор Мекгрегор. Единствен услов е Конор наесен да го победи американскиот ММА-борец Дастин Поарје. Ова Нурмагомедов го изјави на 14 август на конференција за новинарите во Москва.

„После Гејџи би се тепал со секој противник кој ќе го победи Поарје. Не е важно кој ќе биде тоа, дали Тони [Фергусон] или Мекгрегор“, додаде шампионот. Борбата на рускиот спортист против Американецот Џастин Гејџи е планирана за 24 октомври 2020 година во Обединетите Арапски Емирати.

Нурмагомедов посебно нагласи дека тоа е резервната варијанта доколку нема успех во преговорите со Жорж Сен Пјер за меч во април 2020 година.

„Мене лично поинтересна ми е борбата со Тони“, истакна Хабиб.

Ирецот Мекгрегор, кого Нурмагомедов го победи 2018 година со зафат за задушување, беше првиот странски борец кој на Хабиб му изрази сочувство по повод смртта на татко му. Абдулманап Нурмагомедов се упокои на 3 јули од компликации предизвикани од коронавирусот.

„Постојат човечки односи кои немаат врска со спортот. Јас немам ништо против него. Таа фаза помина. Не е во мој стил да живеам во минатото и да задржувам во себе нешто негативно. Мојот татко не беше таков и не мислам дека јас сум многу поинаков. Не поддржувам навредување, но кога некој му посакува на татко ви здравје, тогаш тоа на секој човек му е мило“, рече Хабиб.

Конор Мекгрегор (лево) во мечот против Хабиб Нурмагомедов, UFC-229, сабота 6 октомври 2018, Лас Вегас.

Како изгледа Хабиб по смртта на татко му

Нурмагомедов не крие дека многу тешко ја поднел смртта на татка си.

Хабиб Нурмагомедов

„Нашиот однос се разликуваше од типичните односи меѓу татко и син. Од мојата рана младост тој ми беше тренер, учител и пријател. Можевме да разговараме за сé и би било глупаво да се тврди дека неговата смрт никако не се одрази на мене“, рече шампионот.  

И покрај тоа што Хабиб е во жалост, на конференцијата за новинарите негова енергичност беше упадлива. Погледот му е цврст, а во говорот се чувствува самоувереност. На лицето нема траги од возбуда, карактеристични за стресни состојби. Облечен е како и секогаш едноставно и без вишок детали: обична зелена дуксерка преку бела маичка.

Претстојната борба против Гејџи

Хабиб и во оваа пригода изрази почит спрема идниот противник и раскажа како Гејџи му помогнал 2016 година во подготовките за еден меч.

„Не чувствувам спрема него никаква антипатија и не го потценувам. Гејџи во текот на изминатите неколку години напредуваше и почна да се бори поодмерено. Боксот му е напаѓачки, често вториот удар е поопасниот. Созреа како борец, толку силни противници нокаутираше!“, рече Хабиб.

Па сепак, тој не смета дека Џастин е некаков „посебен противник“, и покрај тврдењата на познатите американски новинари и експерти како Џо Роган.

„Тие зборуваат така за секој мој противник. Тоа го кажуваа и за Барбоса, и за Конор, и за Џонсон. Само за Јаквинта не, затоа што ми го дадода само еден ден пред борбата. Не стигнаа“, изјави шампионот.

Хабиб Нурмагомедов од Русија (горе), мечот во лесна категорија против Дастин Порје во рамките на UFC-242, 7 септември 2019, остров Јас, Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.

Според Хабиб, Џастиновиот боречки потенцијал е на исто ниво како и Коноровиот, Поарјеовиот и Џонсоновиот. „Мојот боречки IQ ми вели дека Џастиновата ударна техника е полоша од Коноровата“, додаде тој.

Меч против Мејведер

Хабиб исто така изјави дека „упатени луѓе“ пронашле дупки во неговиот договор со UFC и му предложиле меч против Флојд Мејведер во Европа покрај наведениот договор.

Флојд Мејведер

„Ми рекоа: „Точно е дека ќе те осудат на парична казна. Ама ние ќќе ги платиме сите казни“. Јас им реков дека договорот ми е поважен од парите и дека ние не можеме да го занемариме договорот со UFC. Не знам што мисли UFC за борба против Мејведер. За мене во овој момент има значење само борбата против Гејџи“, додаде Хабиб.

Политичка иднина

Изминативе години во Русија се зборува за можноста Хабиб во иднина да стане раководител на Република Дагестан. Одделни изданија тврдат дека тој е „идеален кандидат“ за таа функција.

Шампионот на UFC во лесна категорија Хабиб Нурмагомедов во текот на средбата со претседателот на РФ Владимир Путин на аеродромот во Махачкала, 12 септември 2019.

Нурмагомедов на прашањето за политичките амбиции одговори дека „секој треба да си ја работи својата работа“.

„Јас сé не сум завршил како спортист. Сакам да ја доведам својата работа до логичен завршеток. Целата моја сила и енергија се троши на спорт“, рече Хабиб.

Според него, тој не мора да биде на висока функција за да им помогне на луѓето околу себе.

„Социјалните активности се исто така дел од мојот живот. Јас со тоа почнав да се занимавам уште кога имав 23-24 години. Верувајте, кога имате барем две рубли, веќе можете да му помогнете на другиот ако му дадете една“, додаде Хабиб.

Тој објасни дека сега нема искуство во управување кое е неопходно за кандидат за раководител на републиката, како и дека за такво нешто се потребни луѓе со професионална стручна спрема.

Хабиб Нурмагомедов

„Ако зборуваме за главниот проблем на мојот регион, тогаш тоа е невработеноста. Тој проблем јас би го исправил пред сето останато (кога би раководел со републиката)“, заклучи Хабиб.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња