Каде живее првакот на УФЦ Хабиб Нурмагомедов? (ФОТО)

Anatomy of a Fighter
Куќа далеку од цивилизацијата, среде планини, без телевизија и без Интернет.

Родната куќа на моментално најпознатиот спортист од Русија Хабиб Нурмагомедов по ништо не се разликува од неколку десетина соседни куќи. Изгледа потполно исто како и пред многу години, пред првакот на УФЦ да стане толку популарен во светот. За сето време не се појавиле ниту претенциозен ентериер, ниту висока ограда.

Без Интернет, без телефонска врска 

Нурмагомедов е роден во планинскиот дагестанско село Сиљди, кое се наоѓа во близина на границата со Чеченија. Тука се кривули 40 километри долг пат преку реките и планинските врвови до најблиското населено место.

Велат дека селото се наоѓа тука најмалку 500 години. Сега во него живеат само 220 жители. Луѓето главно се занимаваат со земјоделство и со сточарство. Масовната миграција од Сиљди во низинскиот Кизиљуртовски округ започнала во деведесеттите години од минатиот век кога на жителите на селото им била понудена земја, работа и инфраструктура. „А, тука? Татко ми во триесеттите години во Сиљди работеше како учител. Зборуваше дека тогаш во локалното училиште одат главно возрасни луѓе. И така татко ми прашал еден од нив: 'Колку е пет плус пет?', а тој одговорил: 'Не знам'“, се сеќава еден од мештаните. 

Училиште и џамија – тоа е сè што има во Сиљди. Тука нема ниту болница, ниту детска градинка, ниту Интернет или обична телефонска врска – понекогаш може да се фати сигнал во училиштето кое се наоѓа на самиот врв на планинското село. Нема ниту продавница. Еднаш месечно камион за оние што немаат кола носи намирници: брашно, шеќер, ориз и тестенини.

Единствено нешто по кое е познато ова место се Хабиб и неговиот татко Абдулманап (оттука е исто така и сопругата на Хабиб). По бројните победи на борецот, Сиљди за неговите навивачи стана култно место. На влезот во селото има плакат со фотографија на Хабиб и со натпис „Добре дојдовте во земјата на орлите!“. Властите на Дагестан планираат во 2020 година тука да изградат хотел и спа-центар, а мештаните засега едноставно покажуваат каде се наоѓа куќата на Хабиб.

 

Куќа на улицата Нурмагомедов

Куќата на Хабиб Нурмагомедов се наоѓа на улицата Нурмагомедов. За волја на вистината, името не го добила по него, ами по неговиот вујко Нурмагомед Нурмагомедов, кој ја доби титулата на светски првак во самбо во деведесеттите години од минатиот век. Куќата не се разликува од другите во селото. 

Единствено е фасцинантен погледот од прозорецот на планината. Како што наведува регионалното издание „Ето Кавказ“, куќа има две мали соби со кревети, шпајз со стар фрижидер и малечка кујна. На подот има стар тепих. Телевизор има, но не работи – молња ја изгорела антената.

 

Во деведесеттите години од минатиот век семејството на Хабиб не било исклучок и исто така го напуштило селото. Во куќата определено време живеел дедото на Хабиб, а подоцна тука престојувале бројни роднини кои го посетувале селото, а исто така и самиот Хабиб.

 

Махачкала – Сан Хозе

Хабиб сега поголемиот дел од времето го минува во два града и во две држави: во главниот град на Дагестан, Махачкала, каде постојано живеат неговата сопруга и децата, и во Сан Хозе, во Калифорнија, каде тренира во салата на American Kickboxing Academy. 

Становите на Хабиб и на неговиот татко во Махачкала се во иста зграда.

 

„Градиме своја куќа, но засега живееме во зграда: јас сум на првиот кат, тој е на шестиот“, вели Абдулманап Нурмагомедов. „Децата од сабајле без престан доаѓаат пред зградата за да се сликаат со Хабиб. На ѕидовите пишуваат 'Хабиб е шампион' и други работи во тој стил. Во овој двор сите веќе знаат за тоа. Ако видат дека [Хабиб] влегува во кола, трчаат да се фотографираат со него. Во селото е истата ситуација, ги носат децата за Хабиб да се слика со нив“.

 

Хабиб вели дека се обидува да дојде дома колку што е можно повеќе, зашто од толкаво внимание „сакаш-не сакаш ќе се измориш“: „Не се сеќавам кога последен пат сум бил на кино. Сакам да шетам и да минувам време со пријателите, но тоа во последно време тешко ми успева“.

 

Погледнете само што се случува во Махачкала по секоја негова борба. Така во Дагестан не слават ниту Нова година.

Прочитајте исто така: Каде израснал Хабиб, шампионот на УФС: Репортажа од фабриката на најдобриот борач на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња