Во Москва првпат за 40 години поместена историска градба (ВИДЕО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Кулата за вода од XIX век е поместена за 100 метри и на тој начин спасена од рушење. На територијата на поранешната фабрика за компресори „Борецˮ во реонот Марјин луг во Москва е планирано да бидат поместени и други објекти.

Во Москва во улицата „Складочна“ за 100 метри е поместена кулата за вода од историско значење, подигната 1898-1899 година. Ова се наведува на сајтот на проектот „Чувари на наследството“.

На сајтот се истакнува дека ова е прв ваков случај во Москва во последниве 40 години.

На тој простор ќе бидат поместени уште две згради: фасадните елементи на монтажната градба и работилницата за изработка на модели. Меѓутоа, за разлика од кулата за вода, овие згради нема да се пренесуваат во целина: тие треба да бидат расклопени и склопени повторно на новото место.

На сегашното место на овие градби ќе бидат изградени станбен комплекс „Шереметјевскиˮ и технолошки парк. Трите зданија од историско значење ќе бидат интегрирани во тој технолошки парк како канцелариски простор и културно-музејска зона. 

Координаторот на здружението на граѓани за заштита на архитектонски споменици „Архнадзорˮ Константин Михајлов објасни дека архитектите од ателјето „АПЕКСˮ му предложиле на изведувачот на работите да ги сочува објектите на „Борец“. Тие ја убедија компанијата „ПИКˮ да ги помести градбите наместо да ги сруши.

Според податоците на „Чувари на наследство“, последен пат во Москва била поместена куќата на Ситин во улицата „Тверска“. Таа е преместена за 47 метри на аголот на сокакот „Настасински“ во април 1979 година. Целта била градбата да се сочува, а просторот да се ослободи за новата зграда на весникот „Известијаˮ.

Во 1983 година делумно беше преместена зградата на МХАТ, односно само делот со театарската сцена. Тоа сепак не може да се смета за комплетно поместување на градба.