Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој поедноставува процесот на добивање руско државјанство.
Почнувајќи од 22 јули, странците кои ќе побараат руско државјанство нема да мораат да им докажуваат на руските власти дека во својата земја почнале процес на откажување од државјанството.
Иако државјаните на некои земји според законодавството на своите земји можеби сепак ќе мораат да се откажат од државјанството при стекнувањето пасош на друга земја, руската страна нема да го поставува тоа како услов.
kremlin.ru
Пред усвојувањето на овој закон странските државјани мораа да поднесат посебен документ кој докажува дека го започнале процесот на откажување од државјанство во својата матична земја.
Повеќето кандидати за добивање руски пасош мораа легално да живеат во Русија најмалку пет години пред да побараат руско државјанство, како и да докажат дека имале легални приходи во годините кои претходат на поднесувањето на барањето. Меѓутоа, според новиот закон, некои категории жители се изземаат од ова правило.
Ова барање, меѓу другото, е укинато за:
- државјани на Белорусија, Казахстан, Молдавија и Украина;
- за странци на кои барем еден родител живее во Русија и има руско државјанство;
- за лица без државјанство постари од 18 години кои се родени на територијата на поранешниот Советски Сојуз.
Веројатно најважната промена се однесува на странските државјани кои се во брак со руски државјанин. Тие претходно мораа да поминат во брак најмалку три години пред да побараат руско државјанство. Меѓутоа, кога новиот закон ќе стапи на сила, ќе им биде дозволено да се пријават за руско државјанство веќе за една година по стапувањето во брак со рускиот државјанин.
Алексей Филиппов / Sputnik
Претседателот Путин претходно за сите странци кои не успеаја да ја напуштат Русија пред затворањето на границите поради епидемијата на коронавирус го продолжи важењето на визите и дозволите за престој до 15 јуни 2020 година.