Кон крајот на март поголемиот број руски градови поради епидемијата од коронавирусот воведoa мерки за самоизолација. Тоа значи дека луѓето треба да останат дома, и да ги напуштаат своите домови само за да набават храна и лекови. Овие градови во кои обично има метеж, сега изгледаат пусто.
1. Грозни
Елена Афонина / TASS
Почнувајќи од 5 април, Чеченија ги затвори границите за влез и за излез на приватни возила. Забраната не се однесува само на итните служби и на транспортот на неопходната стока. Волонтери со помош на мегафони ги потсетуваат граѓаните да останат дома. До 13 април утрото во Чеченската република се регистрирани 49 случаи на инфекција, 5 лица починаа, а 15 се пуштени од болница.
2. Казањ
Максим Боговид / Sputnik
Во Татарстан можете да излезете од дома само ако испратите СМС со својот број на лична карта, местото на изолација и причината за напуштање на домот. Доколку надлежните оценат дека причината е оправдана, добивате дозвола за излез по пат на СМС. Едно лице може да добие најмногу две дозволи дневно. Без дозвола можете да излезете само да го прошетате кучето (не подалеку од 100 метри од домот) или до најблиската продавница. Во Татарстан се регистрирани 84 случаи на инфекција, досега нема смртни случаи.
3. Сочи
Артур Лебедев / Sputnik
Туристичкиот град Сочи до 1 јуни ги затвори сите свои спортски и туристичките објекти. Хотелите не смеа да примаат гости во текот на режимот на самоизолација. Во Краснодарскиот крај до 13 април има потврдено 210 случаи на инфекција, а три лица починаа.
4. Нижни Новгород
Роман Владимиров / Sputnik
Во Нижни Новгород жителите мораат на сајтот на градската управа да симнат QR-код и да ѝ го покажат на полицијата на својот смартфон во случај да ги запре. Код е потребен дури и ако сакате само да исфрлите смет, но и тогаш се добиваат 30 минути излез. За купување намирници, пак, има најмногу три часа. Дозвола може да се нарача и преку телефон. Таа ќе стаса по СМС. Во регионот до 13 април се регистрирани 224 случаи на инфекција, а досега починаа четири лица.
5. Екатеринбург
Донат Сорокин / TASS
Во престолнината на Урал сите паркови и продавници кои не продаваат храна се затворени, а луѓето ги потсетуваат да останат дома. Овој мегалополис се ослободи од сообраќајните метежи, што ги воодушевува љубителите на брзо возење. Според локалните медиуми, првиот ден од изолацијата камерите на улиците се забележани 8.000 случаи на пречекорување на брзината! Во Свердловската област до 13 април се регистрирани 85 случаи на зараза, додека 37 лица закрепнале. Нема смртни случаи.
6. Владивосток
Дмитриј Ефремов / TASS
Од 7 април Приморскиот крај на Русија воведе СМС-систем за оние што мораат да излезат од дома по работа. Освен дозволата што ја добивате по СМС, лицето е должно со себе да носи лична карта и документ до работодавачот. Почитувањето на режимот на самоизолација се следи со помош на дронови. До 13 април се регистрирани 28 случаи на зараза, а двајца се починати.
7. Краснојарск
Иљja Најмушин / Sputnik
Жителите на овој сибирски град кои мораат да одат на работа треба да добијат дозвола од својот работодавач. Сите останати мораат да останат дома во самоизолација. За некој во итен случај да го напушти домот мора да напише објаснување и да ѝ го покаже на полицијата. Инаку може да бидете казнети со 3.000 рубли (околу 39 американски долари). Во Краснојарскиот крај до 13 април се регистрирани 110 случаи на инфекција. Засега нема смртни случаи.
8. Санкт Петербург
Руслан Шамуков
За многу туристи омилениот руски град ги забрани сите активности на отворено, вклучувајќи и екскурзии. На луѓето им се препорачува на улица да држат растојание од 1.5 метри. Училиштата и универзитетите работат само онлајн. Многу линии од јавниот сообраќај се укинати (освен метрото). Санкт Петербург е третото место по бројот на заразени во Русија. До 13 април коронавирусот е потврден кај 678 лица. Починати се 4 лица.
9. Котелники
Денис Воронин/Московска агенција
Московската област е втора според бројот на заразени во Русија. До 13 април потврдени се 1855 случаи на зараза и 19 смртни случаи. Во овој регион се наоѓаат некои од најголемите трговски центри во земјата, а сега сите тие се празни. Работат само продавниците за храна и аптеките, но и во нив сега има малку луѓе.
10. Москва
Александар Авилов/Московска агенција
Две третини од случаите на инфекција со коронавирус во Русија се регистрирани во Москва: 11.513 од вкупно 18.328 во Русија и 82 смртни случаи од вкупно 148 на ниво на цела Русија. Во руската престолнина повеќето луѓе работат од дома, а продавниците и рестораните преминаа на достава до дома. Додека граѓаните се во своите домови, службите спроведуваат дезинфекција на улиците и на јавниот сообраќај. Бројот на патници во метрото и во автобусите е намален за 80%, бројот на приватни возила на улиците е намален за 50%, а бројот на сообраќајните несреќи во руската престолнина е намалено за 86% во споредба со истиот период минатата година. За прекршување на режимот на самоизолација на граѓаните им следува казна од околу 4.000 (55 американски долари).