Московското метро нема да биде затворено поради ситуацијата со коронавирусот, вети градоначалникот Сергеј Собјанин. „Метрото е технолошки направено така што возовите мораат постојано да сообраќаат, да го придвижуваат воздухот за сите мрежи да ја задоволуваат состојбата“, рече тој за телевизија Росија 1, одговарајќи на прашањето за мерите против коронавирусот во руската престолнина. А, доколку запре метрото ќе бидат потребни шест месеци за повторно да се стави во употреба. „Затоа во секоја ситуација метрото ќе функционира“.
Што ќе се случи ако метрото се затвори?
Сепак, руските експерти сметаат дека во техничка смисла метрото може да биде затворено за патниците. Ваквите мерки на карантин беа преземени во Вухан, еден од најголемите градови во Кина, како и во престолнината на Украина Киев.
А, и Москва повремено затвора некои делници на метрото поради ремонт.
Не станува збор за тоа да се исклучи светлото и работниците да се испратат дома. Потребно е работниците на метрото да продолжат да ги следат системите за вентилација и состојбата на пругите.
Второ прашање: што ќе се случи со градот, ако макар и делумно се затвори метрото и колку тоа ќе може да се надомести со други мерки, објаснува за Russia Beyond постариот научен соработник на Центарот за истражување на сообраќајните проблеми на мегаполисите Павел Зјузин.
„Треба да биде подготвен друмскиот сообраќај, треба максимално да се поедностави системот за онлајн испорака на намирници, на лекови и на други неопходни работи, пред сè затоа што курирските служби ќе го понесат најголемиот товар. И, секако, тоа ќе предизвика максимален пораст на бројот на автомобили во градот“, вели Зјузин и потсетува дека во Москва се случувале застои во сообраќајот на возовите.
Најголем застој беше несреќата на 25 мај 2005 година кога дојде до преоптоварување на електричната мрежа во градот. Тогаш поради масовно губење на струја сообраќајот во метрото во 11 часот беше запрен на 52 од 170 станици. Илјадници патници беа евакуирани од возовите кои останаа во тунелите, никаде немаше светло. Дури во 9 часот навечер метрото повторно почна да функционира во целост.
Имало ли случаи кога метрото не работело?
Всушност московското метро од денот кога било отворено во 1935 година превезува патници секој ден. Тоа и денес е најпопуларното превозно средство во градот (во 2019 година го имаат користени над 9.5 милиони луѓе дневно). Во тоа е тешко да се поверува, но за сето тоа време само еднаш метрото не било отворено наутро.
Тоа се случило на 16 октомври 1941 година. За време на Големата татковинска војна метрото продолжило да превезува луѓе и покрај бомбардирањата. Возовите сообраќале до 10 часот навечер, а потоа на станиците се сместувале луѓе за да се скријат од ноќните воздушни напади. Најстрашните бомбардирања во Москва се случувале во октомври и во ноември 1941 година. И советското раководство дури донело одлука да се уништи метрото за инфраструктурата да не падне во рацете на непријателот.
Ноќта помеѓу 15 и 16 октомври работниците веќе почнале да ги демонтираат ескалаторите и да ги сечат електричните кабли, но утрото одлуката била повлечена. За неколку часа сè било вратено во нормала и возовите повторно почнале да се движат во 18 часот и 45 минути. А, потоа продолжила и изградбата на нови станици и тунели.