Шефот на руската држава во интервјуто за ТАСС во рамките на проектот „20 прашања за Владимир Путин“ објасни дека таквото тврдење „не одговара на реалноста“, затоа што тој работи секој ден, а не царува.
Според мислењето на рускиот лидер, „цар е оној кој седи, гледа одозгора и вели: „ќе наредам и таму нешто ќе се направи“, а тој притоа само шета со круната и набљудува“.
Путин призна дека дури „не му ни паднало на памет“ дека толку долго би можел да остане на власт.
„Воопшто не сум мислел дека ќе се најдам овде. Тоа не ми паѓало на памет и никако не сум можел да го помислам тоа“, рече тој.
Што се однесува до можноста во некој момент „да испадне од трката“, според зборовите на рускиот претседател, тој има чувство на одговорност за она „што се случува, како се случува и што ќе се случува“.
Путин додаде дека во 2008 година не знаел дека четири години подоцна ќе се врати на местото претседател, но дека не ја отфрлал таа можност.
Коментирајќи ја шегата на комичарот Максим Галкин, кој рече дека Путин не е презиме, туку функција, шефот на руската држава рече: „Човек кој нема никаква функција може да се шегува како сака. И неговите шеги се потребни“.
Владимир Путин исто така изјави дека смета дека мислењето и расположението на обичните граѓани на Русија е најсигурен извор на информации:
„Кога разговарам со луѓето, кога имам директен контакт, дури и за кратко, ми се чини дека го чувствувам расположението на луѓето (...) Тоа чувство кај мене не е отапено, не сум го заборавил, и тоа всушност ми е многу важно. Верувам: луѓето се многу искрени, разумни и отворени”.
Тој објасни дека „обичниот човек го зборува она што го мисли“ и „го мисли она што го зборува“.
„И тој не се осврнува на она што ќе го каже раководството. Тој зборува критично и кажува од срце што му се допаѓа или што не му се допаѓа”, истакна рускиот претседател.