Руската IT-компанија „Јандекс“ стартуваше онлајн мапа на која во реално време може да се види ширењето на заразата од коронавирусот во светот.
Коронавирусот (COVID-19) продолжува да се шири. На листата и на картата се наоѓаат актуелни податоци за бројот на потврдени случаи на зараза, излекувани пациенти и починати лица, се наведува во описот на мапата.
Информациите за ширењето на коронавирусот во Русија се базирани на податоците на „Роспотребнадзор“.
Во посебна колона на мапата можат да се најдат и статистички податоци за нови случаи на зараза и излекувани пациенти во руските региони.
Губернаторот на Московската област Андреј Воробјев вчера изјави дека новиот коронавирус е откриен во Подмосковјето кај државјанин на Венецуела кој со авион пристигнал од Мадрид. Во овој момент во Русија се регистрирани 64 лица заболени од коронавирус.
Светската здравствена организација објави минатата недела пандемија на коронавирус чие жариште е во Европа.
Епидемијата на запаление на белите дробови COVID-19 предизвикана од новиот коронавирус, изби во кинескиот град Вухан кон крајот на декември минатата година. Според податоците на Worldometer за 15 март, во светот заболеле преку 156 илјади лица, се излекувале најмалку 75 илјади, а починале повеќе од 5 илјади, потсетува весникот „Известија“. Руски научник кон крајот на минатата недела, врз основа на проучување на фактите изнесе оптимистичка претпоставка дека епидемијата во јуни или јули ќе биде запрена.