Часовникот се носи на лева рака, но тоа не важи за рускиот претседател. Оној што има добро внимание веројатно има забележано дека Путин секогаш носи часовник на десната рака. Зошто?
Да не е левучар?
Тоа е првото нешто што на човека може да му падне на ум. Се смета дека само левучарите го носат часовникот на десна рака, зашто не е згодно да се пишува со раката на која се носи часовникот. Но, оваа претпоставка отпаѓа зашто Путин пишува со десна рака.
За волја на вистината некои кријат дека се левучари, па поголем дел од работите ги прават со десна, а она што е помалку важно несвесно го прават со левата. Тешко е да се каже дали Путин е еден од нив.
Постои мислење дека тој е амбидекстер. Така се нарекуваат луѓето кои обете раце ги користат подеднакво вешто. „Амбидекстерите истовремено ги користат обете хемисфери на мозокот, така што кај нив одлично функционираат и интуицијата и логиката. Доколку се изразиме со компјутерска терминологија, ним им се инсталирани два оперативни системи и тие можат да ги користат истовремено. Денес кај 50-годишниците има еден амбидекстер на десет илјади луѓе, а на возраст од 30 до 40 години има еден на илјада. Ќе сфатите какви луѓе се тоа ако кажам дека и претседателот на Русија Путин е амбидекстер“, вели меѓу другото психофизиологот и докторот по медицина Владимир Пугал.
Да не се енергетски точки?
Михаил Климентјев / Sputnik
Постои и теорија поврзана со џудото. Владимир Путин како мајстор на спортот во дисциплините џудо и самбо веројатно има слушнато за енергетски важните точки на телото (според древниот кинески систем за медитација Фукури). Многу луѓе кои тренираат источни боречки вештини обрнуваат внимание на овие точки. Според овој систем, мажите токму на левата наддланка имаат три мошне важни точки. Една од нив е одговорна за работата на срцето. Ако некој верува дека бразлетна ги блокира овие точки, тогаш има смисла да носи часовник на другата рака. Федералните медиуми во текот на минатата деценија многу пишуваа за тоа дека Путин се придржува на овие ставови.
Копченце
Но, сега ќе ги разочараме љубителите на сиве овие интригантни теории. Имено, Путин самиот кажа зошто го носи часовникот на десната рака. Ова прашање за првпат му беше поставено во 2002 година на крајот од двочасовната комуникација со граѓаните во директна телевизиска програма.
Михаил Мецељ / TASS
„Часовникот го носам на десната рака зашто така не ме жули копчето на механизмот за навивање. Тоа е единствената причина“, рече тогаш Путин.
Според сè, овој одговор со текот на времето беше заборавен зашто во 2018 година на Путин повторно му беше поставено истото прашање. И одговорот беше ист: „Ако го ставам на левата рака, тогаш копчето од механизмот за навивање ме жули, тоа не е пријатно и боли. Затоа го ставив на десната рака“.