Како се справува Русија со коронавирусот?

Начин на живеење
АНА СОРОКИНА
Земјата драстично го намали воздушниот сообраќај со Европа и Азија, а на туристите кои се враќаат во Русија им се вели дека ќе останат дома во карантин.

СЗО го прогласи коронавирусот за пандемија. Во моментов има над 128.000 заразени луѓе ширум светот, а тој број расте. Какви мерки се преземаат во Русија за да се запре ширењето на вирусот?

Колку луѓе се заразени во Русија?

Според официјалните податоци, заклучно со 13 март во Русија се регистрирани 45 случаи на коронавирус: половина во Москва, а другите во региони (Казањ, Нижни Новгород, Калининград, Липецк и Белгород). Тука спаѓаат и двајца кинески државјани и еден италијански. Досега три лица веќе закрепнале (и нема починати), но повеќе од 5.000 лица се под надзор само во Москва. Станува збор за Руси кои ги посетиле земјите погодени од вирусот, како и оние кои по нивното враќање имале контакт со нив.

Рускиот премиер Михаил Мишустин на 12 март изјави дека „заканата од ширење на инфекција во нашата земја е минимизирана“, поради преземените навремени мерки.

Не е добро време за одмор во странство

Русија беше една од првите земји во светот што ги ограничи редовните летови кон Кина. Во февруари Русите почнаа да се евакуираат на специјалните летови од Вухан и од другите градови во Кина.

Бројот на летови кон Кина, Јужна Кореја и Иран е драстично намален: Распоредот на „Аерофлот“ вклучува дневни летови само до Пекинг, Шангај и Сеул, како и неделни летови кон Техеран. Другите авиокомпании привремено ги прекинаа летовите кон овие земји. Од 13 март ограничувања се наметнати на летовите во Германија, Италија, Шпанија и Франција, освен Рим, Берлин, Минхен, Франкфурт, Париз, Мадрид и Барселона. Летовите до овие градови ќе има само од терминалот Ф на аеродром Шереметјево.

Руските железници, исто така, ги суспендирале возовите кон Ница (Франција), Пекинг (Кина), Уланбатар (Монголија) и Туманган (Северна Кореја), но сепак има возови до Берлин и Париз.

Руските авиопревозници најавија дека во наредните денови ќе има чартер летови за превоз на странски државјани што сега се наоѓаат во Русија, до нивните соодветни земји, како и за Русите кои се во странство. Редовните билети можат да се заменат за други датуми и дестинации.

Откажување на странски туристи

Влезниот туризам во Русија се соочува и со криза. Од 13 март Русија престана да издава туристички визи и за италијански државјани. На почетокот, престана да издава туристички визи за Кина и Иран.

Идните туристи, исто така, остануваат дома. Според Здружението на руски туристички оператори, цената на откажаните тури од март до мај изнесувала повеќе од 500 милиони рубли (околу 7 милиони американски долари), а странците, всушност, престанале да резервираат тури во Русија за летото.

Забрана за настани на повеќе од 5.000 луѓе

Поради коронавирусот, годишниот економски форум во Санкт Петербург во јуни е откажан, додека Москва ги забранува сите настани со повеќе од 5.000 луѓе.

Сепак, не е донесена одлука за целосен карантин на целата држава: училиштата, универзитетите и градинките се отворени и функционираат како и обично. Досега само се откажани воннаставните активности на учениците во групи, како што се тури во музеи и изложби, а на децата на училиште секој ден им се мери температурата. Болните се испраќаат дома.

Многу компании откажаа патувања во странство, и воведоа дополнителни мерки за дезинфекција на нивните канцеларии. Некои им овозможуваат на вработените да работат далечински од дома. Русите исто така се потсетуваат да ги мијат рацете почесто, да не го допираат лицето, особено очите и да избегнуваат јавен превоз за време на пикот.

Русите кои се враќаат дома од Кина, Италија, Франција и други земји погодени од вирусот, мораат да го пријават своето патување преку телефонска линија и да останат дома 14 дена. Официјална лекарска потврда со која се запишува болеста ќе биде донесена дома од страна на курир. На работниците им треба ова за да му докажат на својот работодавец дека се навистина болни. И ако имаат треска или кашлица, тогаш треба да повикаат брза помош. Ако тестот за вирусот е позитивен, тогаш лицето ќе биде испратено во болница за заразни болести.