Секој десетти учесник во анкетата (10%) на Серускиот центар за испитување на јавното мислење (ВЦИОМ) планира да го испочитува Великиот православен пост. Тоа го покажуваат податоците објавени на сајтот на ВЦИОМ во вторникот, 3 март.
„Секој петти анкетиран сé уште не донел одлука за тоа дали ќе се придржува до Великиот пост или не (20%), меѓутоа секој десетти сигурно знае дека ќе го испочитува овој православен обичај”, се наведува во соопштението.
Великиот пост е најдолгиот и најстрог пост во црковниот календар. Оваа година почна на 2 март. Трае речиси 50 дена и завршува со најголемиот христијански празник Велигден, кој оваа година се паѓа на 19 април.
69% од испитаниците, првенствено на возраст од 18 до 24 (80%) и од 25 до 34 години (81%), не планира да се придржува до овој православен обичај. За Великиот пост првпат слушнале само 6% испитаници, но преку половина од анкетираните не можеа да го наведат датумот на почетокот на постот ниту неговото траење во 2020 година (54%).
22% испитаници го поврзуваат Великиот пост со ограничувања во исхраната, 19% го поврзуваат со христијанството и црквата, а 14% со самоограничување во сите сфери. Секој десетти испитаник (10%) го поврзува постот со прочистување. Правилата и ограничувањата поврзани со постот ги познаваат малку повеќе од половината анкетирани (55%).
На прашањето што му пружа на човекот придржувањето до Великиот пост, петтина испитаници (20%) го наведуваат духовното прочистување, 13% сметаат дека постот е можност за тренирање на волјата и дисциплината, додека за 12% постот овозможува чистење на организмот и е корисен за здравјето.
Анкетата на „ВЦИОМ-Спутник” беше спроведена на 21 февруари 2020 година. Во неа учествуваа 1600 испитаници постари од 18 години. Максималната грешка со веројатност од 95% не надминува 2,5%.