Две златни медали на светското првенство во зимско пливање што се одржа на Блед во Словенија освои осумдесет и тригодишната Русинка Нина Максимова, пишуваат руските медиуми.
Натпреварувањето се одржа од трети до деветти февруари во Словенија на езерото Блед, во кое температурата на водата беше еден степен. Максимова освои две златни медали во пливање на патеки од 25 и 50 метри. На првенството учествуваа 1042 спортисти од 36 земји - Русија, САД, Аргентина, Германија, Чешка и други држави.
Нина Максимова се занимава со пливање од шестгодишна возраст, значи цели 77 години, од кои 30 со зимско. Во пермскиот клуб за челичење и зимско пливање „Тонус“ спортистката ја нарекуваат „златна бабичка“. Таа редовно учествува на турнири и ги освојува првите места на натпреварувањата за ветерани.
Нина и нејзиниот сопруг Вадим Максимов, кој има 89 години, пред 30 години го основаа движењето „моржеви“ во Перм. Во неделата колегите на Нина од клубот „Тонус“ го одбележаа нејзиниот роденден со пливање во заледената река Кама.