Во Русија се забележани првите заболувања со коронавирусот, соопштува Интерфакс, повикувајќи се на вицепремиерот на РФ Татјана Голикова. Заболувања се регистрирана во Забајклје и во Тјумењската област, и двајцата заболени се државјани на Кина. Пациентите се сместени во карантин, заболувањето не е во тешка форма, а ризик за ширење на вирусот не постои, известуваат „Ведомости“, повикувајќи се на првиот човек на Роспотребнадзор Ана Пaвлова. Но, без разлика на тоа, владата ги презема сите мерки за спречување на ширење на вирусот во земјата. Еве што се презема.
1. Русија го ограничува преминувањето на монголската граница со Русија.
2. Сите руски државјани можат доброволно да бидат евакуирани од кинескиот град Ухан и од провинцијата Хубеј. Доколку тие сакаат да заминат од Кина, по враќањето во Русија ќе мора да минат две недели во карантин.
3. Сите руски државјани кои сега се наоѓаат на островот Хајнјан ќе бидат евакуирани до 4 февруари. Доколку кај нив се забележат знаци на заболување, ќе бидат испратени во карантин.
4. Руските железници (РЖД) до 1 март го ограничија транспортот со Кина. Исто така руските региони што се граничат со Кина (Амуркста област, Хабаровскиот крај и Еврејската автономна област), ги затворија граничните пунктови до 7 февруари.
5. Од 1 февруари меѓу Русија и Кина ќе биде ограничен авионскиот сообраќај. Исклучок ќе бидат летовите на „Аерофлот“ за Хонконг, Пекинг и Гоанџу. Исто така на аеродромот Шереметево ќе можат да долетаат авионите на постојаните кинески линии. Сите кинески летови ќе бидат преместени на терминалот F, соопштуваат од Интерфакс, повикувајќи се на службата за односи со јавноста на аеродромот.
6. Исто така владата на Русија одлучи да го прекине издавањето работни визи на државјаните на Кина. Имплементацијата на проектот е во разработка, соопштува ТАСС.
7. Федералната антимонополска служба и Росздравнадзор ќе го спречат зголемувањето на цените на лекарствата и на медицинските маски во Русија.
8. Државјаните на Белорусија и на Кина со привремен престој во Русија при влегувањето преку граничните пунктови каде е ограничен транспортот, ќе минуваат низ карантин.