Зошто жените во руските цркви носат шамии?

Владимир Гердо/TASS
Овој православен обичај потекнува од посланието на апостол Павле, и додека во поголем дел од христијанскиот свет со текот на времето се изгубил, Руската православна црква и понатаму инсистира на негово почитување.

Доколку сте израснале во руска традиција и одвреме-навреме сте оделе во црква, дури и само како дете, има една работа која ќе ве изненади кога за првпат ќе влезете во протестантска или во католичка црква: таму жените одат со непокриена глава.

Според руската традиција тоа е незамисливо. Секако, никој нема да исфрли непокриена жена од црква, но веројатно ќе наиде на неодобрување и на нема осуда, особено од страна на локалните бабички (во руските цркви секогаш ќе се најдат неколку строги бабички). Причината е едноставна: во руската православна црква жената треба да ја покрие главата. Зошто е тоа така?

Извори

Историски гледано, покривањето на главата кај жените има долга традиција. Во Првото послание до Коринтјаните на апостол Павле се вели: „И секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто сеедно е – како да е истрижена“. А, во првиот век истрижена жена била за осуда.

Рускиот теолог Сергеј Худиев ги толкува зборовите на Павле: „Во античката култура се сметало дека косата е најживописниот елемент на женската убавина и покривањето на косата покажувало смерност. Грчките хетери (куртизани) оделе гологлави, додека мажените жени ја покривале главата, покажувајќи му верност на својот маж“. Така со помош на зборовите на Павле, традицијата е зачувана: скромна жена (односно верна христијанка) треба да ја покрива главата.

Денес оваа традиција сè уште опстојува во Руската православна црква, иако е воспоставена пред 20 векови. Како што патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, неодамна рече во едно интервју: „Зошто ни се потребни шамии во црквата: Затоа што додека луѓето се во црква треба да мислат на молитва. Кога убава жена ќе влезе во црква (со непокриена коса) тоа природно го привлекува вниманието и ги одвраќа мислите од светата литургија“.

Алтернативен пристап

Во голем број христијански цркви ширум светот одлучено е на жените да им се дозволи да влегуваат вo црква гологлави. Дури и Римската католичка црква, која е конзервативна, го дозволи тоа за време на Вториот ватикански концил 1962-1965. Денес рускиот католички свештеник Кирил Горбунов вели: „Покривањето на главата кај жените целосно ја изгуби смислата во современата култура“. Сепак источноевропските христијани со причина се нарекуваат православни: тие не сакаат да се откажат од традицијата на раното христијанство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња