16 најпривлечни руски православни храмови надвор од Русија

Legion Media
Руските православни храмови се раштркани по целиот свет. Секој ваков храм е место каде верниците му се молат на Бога, но воедно е и место каде сите заинтересирани имаат одлична можност подобро да ја запознаат руската култура и историја.

1. Храм на Покровот на Пресвета Богородица (Мелбурн, Австралија)

Овој храм официјално има над 4.000 парохијци. Покрај претставниците на руската емиграција во Мелбурн, во овој храм доаѓаат и верници од други помесни Православни цркви – Грчката, Македонската, Српската и Бугарската.

2. Руски спомен-храм (Лајпциг, Германија)

Рускиот спомен-храм е подигнат во 1913 година во знак на сеќавање на околу 130.000 Руси кои во Битката на народите во 1813 година се бореле против Наполеон за ослободување на Германија.

3. Манастирот Света Тројца (Џорданвил, САД)

Ова е најстариот и најголемиот православен манастир во САД. Подигнат е во 1929 година. Се смета дека тоа е еден од главните духовни центри на руското православие на Запад. Манастирот ја опфаќа Свето-троицката православна богословија, извидувачката мисија, иконописното ателје и музеј.

4. Храмот на Воскресението Христово (Токио, Јапонија)

Црквата сериозно била оштетена во 1923 година во големиот земјотрес „Голем Канто“. Тогаш се урнала камбанаријата, како и западниот влез, додека дрвените конструкции изгореле во пожарот кој следел потоа. Пламенот бил толку силен што ја истопил камбаната и црквените предмети и садовите од сребро. Реставрацијата траела 70 години. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век конечно е реализирана големата програма за обновување на храмот.

5. Храмот на света Марија Магдалена (Ерусалим, Израел)

Храмот е подигнат во 1881 година во знак на сеќавање на императорката Марија Александровна. Сите трошоци за изградба биле на товар на нејзините деца: императорот Александар Трети, неговите четири браќа и сестрата, која исто така се викала Марија Александровна.

6. Храм свети Никола (Ница)

Храмот свети Никола е една од најважните знаменитости на Ница на југот на Франција. Се смета дека ова е најголемиот храм на источното православие во Западна Европа.

7. Храмот на светото Преображение (Лос Анџелес, САД)

Храмот се наоѓа во Холивуд и ги опслужува тамошните Русија, но и многубројните руски актери кои заминуваат во Тинселетаун да снимаат филмови.

8. Храмот на света Елисавета (Визбаден, Германија)

Рускиот император Николај Втори Романов со задоволство доаѓал во овој храм со семејството во текот на честите посети на Германија. Денес тука се наоѓаат најголемите руски православни гробишта во Европа (доколку не ги сметаме деловите на поранешната Руска Империја)

9. Храмот на Христос Спасителот (Санремо, Италија) 

Откако е подигнат во 1912 година, овој храм е своевидно поприште на недоразбирањата на руската православна црква и Константинополскиот патријарх. Во јануари 2019 година беше решено овој храм да биде под јурисдикција на РПЦ.

10. Храмот свети Никола (Гифхорн, Германија)

Овој дрвен храм е изграден во 1994 година. Тој е копија на Преображенскиот храм во Суздаљ (над 240 километри од Москва). Направен е од аришово дрво, висок е речиси 27 метри. Има осум куполи, некои се позлатени.

11. Спомен-храм свети Владимир (Џексон, Њу Џерси, САД)

Идејата за изградба на овој храм се родила во 1938 година за време на прославата на 950-годишнината од примањето на христијанството во Стара Русија. Градежните работи започнале дури во 1948 година и траеле неполни 40 години.

12. Храмот на света Марија Магдалена (Вајмар, Германија)

Во овој храм често доаѓал Гете. Тој покажувал голем интерес за руското иконопиство и за црковното пеење. Тука е погребана великата кнегиња Марија Павловна, ќерката на императорот Павел Први и жената на Карл Фридрих, великиот војвода од Сакс-Вајмар-Ајзенах.

13. Храмот на свети Николај Чудотворецот (Виена, Австрија)

Црвената армија во април 1945 година ја ослободила Виена и приложила на храмот 1.2000 килограми запленет бакар од кој подоцна е направена најголемата камбана.

14. Храмот на рождеството Христово (Фиренца, Италија)

Во текот на единаесет години (1925-1936) храмот служел како привремена гробница на грчкото кралско семејство во прогонство – Константин Први Грчки, неговата мајка кралицата Олга Константиновна Руска и неговата вдовица Софија Пруска.

15. Храмот на Пресвета Богородица (Сан Франциско, САД)

Ова е еден од најголемите православни храмови на светот. Центар е на руското православие на западниот брег на Америка. Тука често се организираат важни црковни настани и средби на високи црковни великодостојници.

16. Храмот на преподобниот Симеон Дивногорец (Дрезден, Германија)

Со овој храм се поврзани и многумина угледни дејци на руската култура и историја. Негови парохијци биле писателот Иван Тургенев и основачот на рускиот колективистички анархизам Михаил Бакунин. Тука е крстен Пјотр Столишин, познат руски политичар од периодот на почетокот на дваесеттиот век, како и Љубов Достоевска, втората ќерка на познатиот руски писател.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња