Во Русија нови таленти за уметничко лизгање се појавуваат од година во година. На Олимписките игри 2014 година светот ја откри Јулија Липницкаја, на Олимписките игри во 2018 година најмногу одличја однесоа Алина Загитова и Евгенија Медведева. Сите три девојки се ученички на Етери Тутбериѕе, една од најуспешните тренери во овој спорт која од претседателот Путин дури доби и Орден на честа.
AFLO / Global Look Press
Но, оваа година се појави нова, уште помлада ѕвезда, исто така од тимот на Тутбериѕе. Сега е Аљона Косторнаја таа која собира успеси и руши рекорди.
AFLO / Global Look Press
Аљона потекнува од спортско семејство. Татко ѝ се занимаваше со атлетика, а нејзината мајка исто така тренираше уметничко лизгање. Тие ја запишаа Аљона на уметничко лизгање на 4-годишна возраст и, според нивните зборови, таа на почетокот не била особено заинтересирана за спорт.
Newspix24 / Global Look Press
Родителите, сепак, не се откажаа и Аљона успеа да ги совлада првите скокови. Тогаш почна да му се радува на уметничкото лизгање. Во 2016 година го смени тренерот и премина кај Тутбериѕе. Една од причините беше тоа што Тутбериѕе беше позната по тоа што нејзините штитеници задолжително се искачуваат на подиумот. А тоа беше сонот на Аљона.
AFLO / Global Look Press
Косторнаја го освои својот прв златен медал во сезоната 2017-2018, кога ја однесе победата на јуниорското натпреварување во Полска. Така доби можност да учествува во јуниорското Гран-при финале во Јапонија, каде што го освои среброто.
AFLO / Global Look Press
Во истата сезона успешно учествуваше на руските национални натпревари. Го освои второто место на јуниорското првенство. Потоа, на своето прво сениорско натпреварување ја освои бронзата, а на следното сериозно сениорско натпреварување, Купот во уметничко лизгање, дојде и до златото.
АFLO / Global Look Press
Во следната сезона 2018-2019, победи во две етапи на Гран-прито, но во финалето стигна само до бронза. Најновиот успех го постигна на Гран-при натпреварувањето 2019-2020 година.
АFLO / Global Look Press
Во етапата на Гран-прито во Јапонија (трофеј NHK), Аљона падна на пробата, но во настапот го освои златото и постави неколку лични рекорди, како и светски рекорд во кратка програма (85,04).